Претседателот Стево Пендаровски денеска ќе положи цвеќе на гробот на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, кој пред 17 години загина во авионска несреќа на пат за Босна.

Делегации на Кабинетот на претседателот ќе положат цвеќе и пред спомен-обележјето на местото на несреќата во Ротимље, во близина на Мостар, Босна и Херцеговина и на гробот на еден од членовите на делегацијата, во Велес.

На 21 месецов, 15 планинари од Струмица и Валандово по шеснаесетти пат маршираа во чест на трагично загинатиот македонски претседател. Маршрутата и годинава ја почнаа пред споменикот „Македонија“ во Струмица, подигнат во чест на Трајковски. Заради пандемијата од ковид-19 планинарите пешачеа до село Дедино, Радовишко, а денеска ќе поминат уште една етапа во Скопје до гробот на претседателот Трајковски на гробиштата Бутел во Скопје, каде ќе се приклучат на одбележувањето на 17-годишнината од смртта.

Освен до Скопје, триесет планинари од Струмица и Валандово пешачеа и по падините на планината Беласица. Тие се искачија на врвот „Ботра“ кој го носи името на Трајковски, на надморска височина од 1.880 метри.

Во авионската несреќа, што се случи на 26 февруари 2004 година, загинаа претседателот Борис Трајковски и осумчлена делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар. Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролката Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.МКД.