Македонија ја декласира Црна Гора на ракометниот мундијал за кадети (ВИДЕО)

Со игра како по ноти во второто полувреме, откако првото го доби со 12:10, машката ракометна репрезентација на Македонија до 19 години ја „прегази“ Црна Гора со 29:20 во второто коло на 10. Светско првенство во Хрватска и си ја отвори вратата за главната фаза на шампионатот.

За тоа на избраниците на селекторот Радослав Стојановиќ ќе им биде доволна каква било победа утре од 17:30 часот против дебитантот и аутсајдер во групата Ф, Грузија, денеска убедливо поразена и од Норвешка со 38:24.

Норвежаните водат во групата со 4 бода, пред Македонија и Црна Гора со по 2 и Грузија без бодови.

Предводени од голманот Давид Брестовац, чии 13 одбрани, од кои 8 во првиот дел, му го донесоа признанието за играч на натпреварот, „црвено-жолтите“ во вторите 30 минути се ослободија од грчот и ја наполнија црногорската мрежа, забележувајќи ја првата победа на мундијалот.

На феноменалните 46 проценти успешни интервенции на Брестовац во последната третина од мечот одговори Иван Галевски со 5/9 за ефект од 56 отсто, на кои додаде и еден постигнат гол!

Меѓу дури 14 стрелци во македонскиот тим со по 3/4 се издвоија Ненад Белистојановски, Славчо Шулески и Томислав Димковски, а по 3/5 имаа Марио Стојановски и Самоил Ристевски.

Линк од целиот натпревар меѓу Македонија и Црна Гора:

https://www.youtube.com/live/X8A8pxvhrLo?feature=share