Македонија извезува струја во Бугарија?!

Наспроти увозот на електрична енергија од над 40 милиони евра во последните месец и половина, Македонија стигнала и да извезе струја, и тоа во Бугарија, од која неодамна бараше по повластена цена, но тоа не беше прифатено од бугарска страна?!

Според бугарски „Капитал“, Бугарија денеска увезла 140 мегаватчаса струја од Македонија за да покрие дел од недостигот настанат поради исклучувањето на шестиот блок од атомската централа „Козлодуј“, а во ремонт е и еден од блоковите на термоелектраната „Марица-исток 2“.

Поради сведувањето на работата на „Козлодуј“ на 50 проценти од неговата моќност, Бугарија била принудена да увезе и 300 мегаватчаса струја од Грција, како и 250 мегаватчаса од Турција.

Бугарија денеска произвела 5.007 мегаватчаса електрична енергија, а побарувачката била 5.070. Струја била набавена и од Србија, но целиот увоз не останал во Бугарија, туку дел бил извезен во Романија.