Во период кога Македонија очекува Агенцијата на Обединетите Нации која покрај образование и наука се занимава со заштита на културно наследство да одлучи дали Охрид ќе остане на светската листа на природни и културни реткости македонските власти направиле нов тежок гаф во УНЕСКО.
Информациите кои доаѓаат од повеќе европски и балкански експерти кои соработуваат со телата на УНЕСКО чие седиште е во Париз, прашуваат како е можно некој во Македонија да се обидел да ги лаже секретаријатот и експертите на оваа агенција поднесувајќи лажни податоци за македонски кандидат за глобален носител на титулата заштитено културно наследство.
Во “биографијата” на манастирот Свети Ѓорѓија од преспанското село Курбиново македонските власти навеле толку многу погрешни и лажни податоци колку што УНЕСКО добива од сите други членки за цела година, велат нашите извори инаку големи пријатели на Македонија.
Според европските и балкански експерти кои одлично го познаваат конкретниот случај се работи или за нечија смислена активност со цел да се компромитира обидот неверојатниот верски храм во Курбиново да стане дел од листата на УНЕСКО или се работи за аматеризам од најдолен вид кој и нанесува огормен срам на Македонија.
Дел од македонските експерти за заштита на материјално културно наследство кои ги контактирав не сакаат да коментираат јавно но имаат информации за скандалот за кои биле информирани од нивни колеги во странство.
Македонските експерти дискретно сугерираат да не се пишува на оваа тема затоа што се работи за огромен срам за Македонија кој нема да може да се одстрани долги години.
Нивните апели да не се пишува на темата се базираат на стравот дека фалсификуваните податоци испратени го УНЕСКО ќе испровоцираат и политичка дебата со дел од соседите кои скандалот можат да го искористат за свои цели кои се насочени кон докажување дека Македонија ја фалсификува целата своја историја.
Домашните експерти кои ги чекав за став повеќе денови најавуваат активности во правец скандалот да биде надминат во рамки на институциите пред се Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство кои треба веднаш да реагираат за да го прекинат срамот.
По скандалот со Курбиново јасно е дека целата закана Охрид да остане без епитетот заштитено природно и културно наследство се должи на неспособноста на македонските власти кои не можат да завршат и основни работи како испраќање на вистински информации за еден од најубавите македонски историски, културни и верски споменици.