Украинскиот селектор Андреј Шевченко зборува со респект за фудбалската репрезентација на Македонија, со која неговите избраници ќе ги одмерат силите на 17 јуни од 15 часот во Букурешт во второто коло од групата Ц на Европското првенство.

„Северна Македонија е солиден тим. Покрај тоа, тие победија во Германија во мундијалските квалификации, што покажува дека тие се селекција на која треба да се смета. Тие се тим од добри фудбалери кои секогаш можат да прикажат добра игра“, изјави некогашниот ас на Милан за официјалната вебстраница на УЕФА.