Македонија има право да бара заштита од ОН поради загрозени државни позиции – Интервју на expres.mk со професорот Томе Батковски

Сегашната политичко-безбедносна ситуација, во која се наоѓа Република Македонија, се усложнува, покрај другото, и поради внатрешните реакции поврзани со барањето на Бугарија, со поткрепа и на САД, ЕУ и водечките ЕУ-држави, да се извршат промени во македонскиот Устав со внесувањето на Бугарите во неговата преамбула. Дел од најновите турбуленции на политичката сцена во Македонија е предизвикан и поради предлогот произлезен од висок функционер на албанската партија Алтернатива да се основа „Асоцијација на албански општини“ во Македонија, напоредно со конституирањето слична еднонационална „Асоцијација на српските општини“ во Косово, на што силно притискаат особено Соединетите Американски Држави во рамки на односите меѓу Косово и Србија. За овие и други прашања разговараме со универзитетскиот професор и експерт за безбедносно-разузнавачки прашања проф. д-р Томислав Батковски во интервјуто, што го даде специјално за „Експрес“.

„Експрес“: Во вашиот научен труд „Одлуките на АСНОМ – основа за изградување национална (државна) стратегија на Република Македонија“ од 1994 година имате напишано: „АСНОМ го прокламира создавањето на македонската државност и во рамките на југословенската федерација беше продолжена нејзината градба. Сега треба да биде дефинитивно вообличена и завршена македонската државна зграда.“ Но, факт е дека таа „асномска државна зграда“ сега е разурната со двата „добрососедски договора“, како и со Охридскиот мировен договор, кој и ја поништи и државотворноста на македонската нација. Како да се возобнови „македонската државна зграда“ во сегашните комплексни геополитички услови, земајќи го предвид и настапувањето на новиот мултиполарен свет?

Т.Батковски: Во мојот научен прилог од 1994 година, врз основа на реални согледувања на безбедносната состојба на внатрешен и надворешен план, заклучив и предупредив дека Република Македонија ќе биде изложена на сериозни напади кон македонскиот простор и битието на македонската нација. Изминативе скоро триесет години го потврдија тоа. Во последниве неколку години агресивните постапки од Грција и Бугарија добија и загрижувачки размери. Кога во мојот труд посочив дека во иднина “треба да биде дефинитивно вообличена и завршена македонската државна зграда“ не мислев само на доструктурирање на институциите, што ги чинат потсистемите во рамки на државата, туку и на нивно ефективно функционално заживување, соодветно на системот на парламентарна демократија. Ова е неопходно, за да може секоја барем малку сериозна држава ефикасно да ги реализира следниве приоритети: заштита и зачувување на територијалниот интегритет; заштита и зачувување на политичкиот суверенитет; заштита и унапредување на безбедноста на државата; заштита на битието на државотворната нација и сестран нејзин развој на културен план;грижата и заштитата на правата на македонското национално малцинство во седните држави и во светот; зачувување, заштита и развој на правата на припадниците на националните малцинства во државата во согласност со стандардите на светски и европски план; овозможување економски развој и колку е можно повисок животен стандард (благосостојба) за сите граѓани; строго почитување на принципите на уставност и законитост (правна држава) и бескомпромисно откривање, документирање, спречување и процесуирање на сторителите на криминалот и корупцијата.

Во Македонија државата падна на испитот по голем дел од овие приоритети. Беа направени и се уште се прават многу пропусти, грешки, промашувања, погрешни проценки, избрзани чекори… Парламентарната демократија и политичкиот плурализам наместо да се применуваат со почитување на принципите на уставност и законитост, се претворија во полигони на бесрамна трговија за личен и групен интерес. Сето тоа со водење катастрофална кадровска политика, без почитување на принципите на стручност, квалификуваност, одговорност и чесност. Притоа, логична последица беше и е запоставувањето на државните приоритети за сметка на националистичко-шовинистичките посегања од странство, а на штета на Македонија и македонското национално битие, од една страна, и цутењето на корупцијата (во најширока смисла). За тоа говорат и резултатите од анкетите меѓу граѓаните, на пример, за нивната доверба во судството.

За поправање на овие неповолни состојби е неопходен е сериозен ремонт на „државната зграда“ и во трите структури на власта – законодавната, извршната и судската. Тоа може да се направи врз основа на темелна, сеопфатна и целосна анализа и проценка на сегашната состојба во наведените структури,како и безбедносна проценка од сите аспекти на опасностите, загрозувањата и непосредните закани кон македонската држава, македонската нација и сите македонски граѓани, што доаѓаат, или можат да дојдат од земјата и од странство.

Основен предуслов на политички план, односно прашање над сите прашања за Македонците за реализирање на овие активности е постигнување формално и фактичко единство (консензус) во однос на заштитата на државните приоритети и методите и средствата на нивно реализирање. Политичката практика во светот покажува дека, во услови на влошување на состојбите за државата и нацијата, водечките политички сили, без оглед на идеолошко-политичките разлики, воспоставуваат консензус во поглед на заштитата на државните приоритети.

Во Македонија состојбата е сосема различна: двете водечки партии на Македонците се во крајно спротивставени позиции постојано во изминативе три децении, па и во овие тешки безбедносни предизвици, со кои се соочува Македонија денес. Без тој чекор Македонија и Македонците многу го намалуваат својот одбранбен капацитет наспрема загрозувањата од земјата и од странство и можат да станат лесен плен за странските националистичко-шовинистички сили.

„Експрес: Уште пред 29 години изнесовте заложба за „вистинско политичко обединување на Македонците околу генералната линија на нивниот опстанок и развиток“, заради „зачувување на битните интереси на Македонците на нивниот етнички простор“, но и со цел „да се спречи разбивање на битието на нивната нација и целината на нивниот простор“. Дали е можно и како да се оствари такво обединување на Македонците денес? Можно ли е тоа да се постигне преку државно-национална „Македонска платформа“, што би се создала врз илинденска и асномска основа?

Т.Батковски: Дел од одговорот на ова прашање веќе го дадов претходно. Остварувањето консензус во однос на државните и националните приоритети меѓу политичките субјекти на Македонците претставува не само потреба, туку и нужност, ако се имаат предвид последиците од Преспанскиот договор и Договорот за пријателство со Бугарија – културен геноцид врз Македонците

Тоа подразбира изготвување единствена политичка платформа, заснована на придобивките од Илинден и АСНОМ, при што е потребно вклучување на поширок круг граѓани, кои ги застапуваат овие вредности и кои се подготвени да учествуваат во нејзината реализација. На тој начин ќе се зајакне одбранбената способност на македонската држава и македонската нација и ќе се биде на линија на одвраќање на странските националистичко-шовинистички сили од нивните агресивни намери спрема македонската држава и македонската нација.

„Експрес: Во споменатиот ваш труд од 1994 година имате констатирано: „Со асномските одлуки за првпат во својата историја македонскиот народ е прифатен во меѓународната заедница со својот национален идентитет“. Но, по уставните измени од 2018 и 2019 година и создавањето на парадржавната творба „северна“ под директен патронат на меѓународната заедница, во прв ред САД и ЕУ, за првпат во својата историја македонскиот народ доживеа и отфрлање на неговиот македонски национален идентитет. Дали е можно и како македонскиот народ да се избори за ново меѓународно признавање и прифаќање на неговиот македонски идентитет?

Т.Батковски: Македонската држава има обврска да ги реализира приоритетите за кои веќе стана збор, а во таа смисла да ја заштити и да ја зајакнува позицијата на македонскиот народ во конкретната меѓународна политичка констелација на регионален и светски план. Претседателот на државата, Владата и Министерството за надворешни работи треба да имаат најактивна улога на меѓународен план преку интензивна и конструктивна дипломатска дејност на планот на образложување на македонските позиции и барање меѓународна поддршка.

Во таа смисла, Македонија во 1946 година како федерална членка (Народна република Македонија) на Демократска федеративна Југославија (ДФЈ), може да се смета како дел од државите-основачи на ООН. Токму затоа Македонија има полно право, врз основа на Повелбата на ООН, да бара заштита од светската организација, ако се загрозени нејзините основни државни вредности. Министерството за надворешни работи досега пројавуваше многу пасивен однос по ова прашање.

Министерството за надворешни работи би морало да има многу поофанзивен пристап на меѓународен план во бранењето и остварувањето на виталните интереси на македонската држава и македонската нација. Притоа, ова министерство треба да се доекипира со квалитетни кадри од областа на меѓународното право, меѓународните односи и безбедноста, кои несомнено ги има во Македонија.

„Експрес“: Земајќи ги предвид релацијата АСНОМ – македонска држава – македонска нација – државна територија, но и единството на македонската нација (како државотворна) и територијата како политичко-географско-историски однос со битно влијание врз опстојувањето на Македонецот, какви последици врз државата Македонија предизвикува сегашното секојдневно масовно иселување на Македонците од земјата, колку ова ја загрозува нејзината безбедност?

Т.Батковски: Демографското прашање претставува еден од најважните сегменти во безбедноста на секоја држава, па, вклучително и на македонската. Трите битни елементи на една држава се територијата, населението и ефективната власт на дадената територија. Секое поголемо нарушување на овие составни елементи на државата може да предизвика поткопување на нејзината безбедност.

Затоа, надлежните државни институции треба постојано да ги следат состојбите на демографски план, да вршат квалитетни проценки, да ги откријат трендовите и да предлагаат правовремени решенија. Во мојот труд од 1994 година претставив податоци од тогашниот Завод за статистика на Македонија и укажав на одредени мошне негативни трендови, меѓу другото и во централниот дела на државава.

Еве, после скоро триесет години се уште е актуелно ова прашање во уште поизострена форма. Уште позагрижувачки на безбедносен план е фактот дека се зголемува иселувањето на младото население, но и на населението со средно, више и високо образование. Владата би требало итно да ги проучи причините за иселувањето на младото и образовано население од државата и да одреди мерки и активности преку своите надлежни министерства, агенции и дирекции за намалување на овој тренд и за санирање на многу негативните последици на краток, среден и долг рок на економски план.

Оваа појава е дотолку поалармантна, ако се има предвид фактот дека Македонија е најмалубројна во опкружувањето, што, од аспект на употреба на жива сила во одреден безбедносно-воен судир би имало многу негативно влијание врз ефективниот капацитет на нашите сили.

„Експрес“: Република Македонија денес и фактички целосно се откажа од грижата за македонските национални малцинства пред се во Бугарија и Грција, иако се тие составен, неделив дел од македонскиот национално тело. Што е потребно да се стори, за да се започне и со преземањето конкретни мерки и активности на меѓународен план (во мултилатералните и билатералните односи) за реализирање на правата на Македонците во Бугарија и Грција, но и во другите соседни држави?

Т.Батковски: Потребна е многу позасилена активност на претседателот на државата, Владата и Министерството за надворешни работи на дипломатски план, како и на Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безедност и Министерството за внатрешни работи на разузнавачко-безбедносно поле. Заштитата на македонското национално малцинство во Бугарија, Албанија и Грција и пошироко во светот треба да биде еден од приоритетите на македонската држава.

Максимално треба да се инсистира на примена на документите на ООН, ЕУ и ЕС, при што треба да бидат вклучени повеќе експерти од областа на меѓународното право и меѓународните односи. Правото и правдата се на македонска страна и затоа е неопходен многу поофанзивен пристап на македонската држава. Европскиот суд за човекови права во Стразбур има донесено 17 пресуди, што Бугарија треба да ги спроведе, а не ги спроведува, а се однесуваат на правата на македонското национално малцинство во оваа држава.

Преку координиран и синхронизиран настап на своите институции Македонија треба да го издигне ова прашање на највисоко рамниште на меѓународен план и да бара поддршка и партнери во изнаоѓањето праведно и правно решение за македонското национално малцинство.

„Експрес“: Во вашиот научен труд од 1994 година сте го предвиделе она што веќе се случува денес и во последниве неколку години: заживување (одмрзнување) на старите експанзионистички шеми кон македонскиот простор, за да се остварат соседските територијални претензии спрема Република Македонија преку негирањето на постоењето, односно самобитноста на Македонците. Како да се спречи дејствувањето на старите експанзионистички шеми и територијалните претензии?

Т.Батковски: За добрите познавачи на безбедносните состојби на Балканот беше јасно дека по осамостојувањето на Република Македонија ќе дојде, порано, или подоцна, до оживување на старите експанзионистички посегања спрема македонскиот простор и до негирање на македонската нација. Во мојот труд од 1994 година укажав на таа опасност по безбедноста на Македонија и на потребата надлежните безбедносни субјекти да ги ажурираат безбедносните проценки и да подготват план за навремено спротивставување.

Албанскиот националистички фактор многу брзо премина од илегални форми на дејствување кон класични воено-борбени дејства, во тесно содејство со УЧК, а насочени кон освојување на просторите, зацртани во картата на „Голема Албанија“. Во 2001 година беше потпишан Охридскиот рамковен договор, со што заврши воениот судир со посредство на меѓународниот чинител. Набргу беше извршена нова територијална поделба и беше промовиран бадинтеровиот принцип, со што му беше удоволено на албанскиот чинител, а истовремено, се избегна федерализацијата на државата и се зачува нејзиниот унитарен карактер.

Очекувано, од официјална Софија и официјална Атина заживеаја нападите насочени кон негирањето на македонската нација, македонскиот јазик, македонската култура,македонската историја и македонската територија. Со потпишувањето на Преспанскиот договор Грција во најголема мерка веќе ги реализира своите антимакедонски цели на стратегиски план.

Официјална Софија многу брутално продолжува да ја остварува својата антимакедонска харанга, злоупотребувајќи го Договорот за пријателство и отворено заканувајќи се со вето во однос на започнувањето на преговорите за прием на Македонија во ЕУ, ако не се прифатат нејзините барања. Бугарија како членка на ЕУ отворено применува уцена, закана и изнуда спрема друга држава (со која има потпишано Договор за пријателство ?!) спротивно на меѓународното право и добрата практика на меѓународните односи.

Македонската држава, на планот на спротивставување на ваквите агресивни негаторски постапки, мора да ги зајакне сопствените капацитети на дипломатски план за да може поофанзивно да ги заштитува и да ги промовира државните приоритети на надворешно-политички план и, истовремено, да реализира квалитетна разузнавачко-безбедносна активност на полето на навремено следење, откривање, документирање и спречување конкретни субверзивни активности во земјава и странство, а насочени против македонската држава и македонската нација. Во рамките на безбедносниот систем треба да се оствари целосна координираност, кооперативност, одговорност, синхронизираност и доследност на планот на реализацијата на поставените цели.

„Експрес“: На кој начин може да се спречи, како што велите, „дезинтеграцијата на Македонија“, поради „сепаратистичките интереси и цели на великоалбанските националисти во Македонија, кои го истакнуваат барањето за создавање „албанска држава’ на територијата на Македонија врз основа на идејата за ‘велика Албанија’, било ‘по насилен пат – со војна’, било ‘по мирен пат – со федерализација на Република Македонија“?

Т.Батковски: Одговорот на ова прашање е содржан во одговорот на претходното прашање. Можам да додадам дека гарант на Охридскиот рамковен договор е меѓународната заедница и оти засега не се доведува во прашање унитарниот карактер на македонската држава. Државните институции и политичките партии треба совесно и одговорно да ги извршуваат своите функции, почитувајќи ги принципите на уставност и законитост.

„Експрес“: Албанскиот политички чинител во Македонија бара основање „Асоцијација на албански општини“, за да се изврши „реорганизација на државата“ и за да „македонските енклави не го нарушуваат албанскиот територијален континуитет во земјата“ (ставови на Алијансата за Албанците). Ваш коментар?

Т.Батковски: Се работи за изјава во рамките на веќе познатите партиски еквилибристики на македонскиот политичко-партиски терен, што има карактер на подбив, па затоа не заслужува внимание за коментар.

„Експрес“: Не само македонската Влада, туку би се рекло многу повеќе меѓународната заедница (САД, ЕУ, сите европски и други светски држави), инсистираат до мера на наредби и диктат да се промени Уставот и во него да се внесе „државотворниот бугарски народ“. Бараат и ДУИ и исцело сите албански партии Албанците да се прогласат уставно како „државотворен народ“. Какви последици би предизвикало внесувањето на бугарската и албанската државотворна агенда во Уставот на Македонија врз нејзината безбедност, унитарен карактер и територијален интегритет?

Т.Батковски: Албанскиот чинител во Македонија е веќе етаблиран на државен и политички план согласно со Уставот и законите. Што се однесува до барањето на официјална Софија во Уставот да бидат внесени и Бугарите како конститутивен народ, тука треба да се реши едно претходно прашање од бугарска страна. Официјална Софија прво мора да ги напушти своите негаторски ставови во однос на македонската нација, македонскиот јазик, македонската култура и македонска историја.

Со други зборови, да го признае постоењето на македонската нација и македонскиот јазик, македонската култура и македонската историја, како и постоењето на македонското национално малцинство во Бугарија и нивните малцински права, според документите на ООН, ЕУ и ЕС. Однесувањето на официјална Софија е агресивно и безобразно – дрско, скоро незабележано во современите меѓународни односи.

„Експрес“: Во својот труд од 1994 година наведувате дека е „нужно да се изгради национална (државна) стратегија за македонската држава“, имајќи ги предвид „сложеноста и тежината на историското минато, внатрешните конфликти и притисоците однадвор врз битните аспекти на самостојноста и сувереноста на Република Македонија и македонската нација“. Што подразбирате под „национална (државна) стратегија“и дали е можно денес, во оваа 2023 година, да се изгради таквата стратегија и каква содржина би требало да има?

Т.Батковски: Утврдувањето државна стратегија е нужност за секоја современа држава, па, во тој контекст и за Македонија.

Добро изработената стратегија е основа за реализација на поставените (главни) цели во поглед на приоритетите на државен план, што веќе ги наведов во одговорот на првото прашање: заштита и зачувување на територијалниот интегритет на државата; заштита и зачувување на политичкиот интегритет на државата; заштита и унапредување на безбедноста на државата; заштита на битието на нацијата и овозможување нејзин развој на сите полиња; заштита на припадниците на националното малцинство и на правата на неговите припадници во странски држави; заштита на припадниците на националните малцинства во државата и унапредување на нивните права; остварување економски просперитет во државата и благосостојба за сите нејзини граѓани; почитување на уставноста и законитоста во работата на државните и недржавните институции (правна држава) и бескомпромисно откривање, документирање, следење, спречување и процесуирање на сторителите на криминал и корупција.

За успешна реализација на утврдените стратегиски цели неопходно е изградување квалитетен безбедносен систем, компетентни институции, одлична организација и методика во работењето и вработеност на стручен, одговорен, кооперативен и чесен кадар, што е посветен на задачите и лојален на институцијата и државата, во која живее и работи.

Интервјуто го реализира: Свето Тоевски