Македонија и Украина ја прошируваат зоната за слободна трговија

Во рамките на посетата на Чешката Република, премиерот Димитар Ковачевски и неговиот украински колега Денис Шмихал потпишаа обновен анекс на Договорот за слободна трговија, објави претседателот на Владата на Украина на својот налог на Телеграм.

„За време на состанокот беше потпишан ажуриран анекс на Договорот за слободна трговија, кој ги интегрира пазарите на Украина и на Северна Македонија со пазарите на ЕУ, Турција, Молдавија, Грузија, Норвешка, Швајцарија и Израел преку заедничкиот систем на правила за потекло PanEuroMed“, напиша Шмихал.

Според него, договорот ќе помогне да се намалат цените на македонските стоки, кои се суровини за преработувачките претпријатија, што, пак, е главната предност за украинската индустрија. Сега производителите од Украина ќе можат да користат компоненти произведени во Македонија за производи што ќе се продаваат во ЕУ.

„Покрај тоа, договорот ги либерализира земјоделските тарифи. Украина ќе добие пристап до пазарот за производи од животинско потекло и готови производи, што ќе доведе до зголемување на извозот на украинските земјоделски производи“, додава Шмихал.