Македонија и САД потпишаа меморандум за 5Г технологија

Премиерот Зоран Заев и потсекретарот за економски раст, енергија и животна средина во Владата на САД, Кеит Крач денеска потпишаа меморандум за разбирање за безбедност на 5G технологии.

Крач, упати благодарност до македонскиот премиер Зоран Заев за, како што рече, неговата визија, лидерство и пријателство.

Станувате партнери со луѓето на коишто им верувате. Ова значи градење на отворена интероперативна безбедна глобална комуникација која што се базира на споделени демократски вредности во чија основа се наоѓа довербата, рече Крач

Според премиерот Заев, кога се зборува за дигитализација како за четврта револуција, „5Г-мрежата ќе предизвика многу попозитивни ефекти отколку појавата на електричната енергија и ќе биде инструмент за трансформација, односно за дигитализација на традиционалните индустрии”.

Заев нагласи дека Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ има обврска да ги усогласи националните политики за развој на електронските комуникации со политиките на ЕУ, како и со политиките за безбедносните аспекти на имплементацијата на 5G-технологијата со стратегискиот партнер и сојузник во НАТО, САД”.