Македонија и Бугарија нема да се сретнат во квалификациите за ЕП 2024 во фудбал, двете се во четвртиот сад

И покрај поразот во меѓусебниот дуел на крајот од Лигата на нациите во Скопје, фудбалската репрезентација на Македонија во ждрепката за Европското првенство 2024 ќе биде во четвртиот сад заедно со Бугарија, па двете селекции нема да се сретнат повторно во квалификациите.

„Црвено-жолтите“ ќе ја избегнат и Грузија, од која два пати беа поразени во Лигата на нациите, бидејќи и таа е во четвртиот вредносен сегмент, кој го сочинуваат уште Грција, Турција, Казахстан, Луксембург, Азербејџан, Косово и Фарски Острови, со кои македонските фудбалери исто така нема да ги одмерат силите.

Носители на десетте квалификациски групи ќе бидат Холандија, Хрватска, Шпанија, Италија, Данска, Португалија, Белгија, Унгарија, Швајцарија и Полска. Од вториот сад ќе бидат извлечени Франција, Австрија, Чешка, Англија, Велс, Израел, Босна и Херцеговина, Србија, Шкотска и Финска. Третиот го сочинуваат Украина, Исланд, Норвешка, Словенија, Ирска, Албанија, Црна Гора, Романија, Шведска и Ерменија. Во петтиот се Словачка, Северна Ирска, Кипар, Белорусија, Литванија, Гибралтар, Естонија, Летонија, Молдавија и Малта, а во садот на аутсајдерите Андора, Сан Марино и Лихтенштајн.

Ќе бидат формирани седум групи со по пет репрезентации и три со по шест, а место на ЕП ќе обезбедат по две најуспешни селекции од секоја од нив, како и уште три преку баражот.

Извлекувањето на квалификациските групи е закажано за 9 октомври во Франкфурт.