Македонија и Бугарија треба да ги решат меѓусебните прашања врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, порача директорката на Одделот за Западен Балкан во Министерството за надворешни работи на Германија, Сузане Шуц.
„Во врска со Договорот со Бугарија сметам дека формулата договорена од премиерите Заев и Борисов, според која историјата треба да им биде оставена на историчарите, останува валидна. Двете земји треба да ги решат отворените прашања во рамките на билатералниот договор, односно преку комисијата од историчари“, изјави Шуц во интервју за Балканската истражувачка мрежа (БИРН).
Овој став бугарските медиуми го толкуваат како порака од Берлин до Скопје и до Софија споровите за историјата и за македонскиот јазик треба да се решаваат врз основа на Договорот за пријателство, а не на преговорите за присоединување на Македонија во ЕУ.
Шуц во интервјуто додава дека Германија има намера да ја финализира преговарачката рамка и да ја одржи првата меѓувладина конференција со Македонија и, ако се исполнат условите, со Албанија за време на нејзиното претседавање со ЕУ, што значи до крајот на годинава.