Чествувањето на денепната 151 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, традиционално во Црквата Свети спас во Скопје, доби димензии на настан од висок ризик и покрај тоа што министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со денови уверува дека полицијата ќе ги преземе сите законски мерки за мирно и достоинствено чествување на македонскиот великан.

Премиерот Ковачевски вчера рече дека до Владата нема најава за доаѓање на официјална бугарска делегација која би положила цвеќе, но секој е добредојден кој официјално ќе се најави.

„…МВР е задолжено да ги преземе сите потребни мерки, со цел овој настан да помине мирно и достоинствено. Според процедурите, МВР ќе овозможи сите преку своите пријавени делегации да положат цвеќе на најдостоинствен начин. Сите да бидеме обединети, горди и да оддадеме почит на великанот на македонската револуционерна борба.

Апелирам сите здруженија што сакаат да го искористат овој настан за провокации за да се нарушат односите и атмосферата во државата и со соседните држави да се воздржат и да не користат вакви настани за да креираат несакани ефекти во општеството“, рече премиерот.

Тој додаде дека огромно мнозинство граѓани сакаат мирно и достоинствено чествување и МВР нема да дозволи поединци тоа да им го оневозможат.

Премиерот повтори дека секој странски државјанин за кој МВР има информации дека е лице кое со влезот во државата може да ја наруши националната безбедност, владеењето на правото или меѓународните односи. нема да биде пуштен согласно Законот за странци.

„Сите што се провокатори, кои го негираат македонскиот народ, ја негираат македонската држава, ги нарушуваат чувствата на Македонците и на другите граѓани, тие нема да влезат во државата“, рече Ковачевски.

Полицијата од завчера вечер ја затвори за сообраќај улицата „Самоилова“ во делот околу црквата „Свети Спас“ и строго го контролира просторот, а денеска целосно ќе бидат затворени и „Самоилова“ и „Лазар Личеноски“ околу скопското Кале за време на државниот свечен настан, на кој ќе присуствува целиот државен врв, на чело со претседателот Стево Пендаровски и премиерот Ковачевски.

Настанот е прогласен за случување од висок безбедносен ризик од страна на Советот за безбедност, кој уште минатиот понеделник му препорача на МВР и на другите безбедносни институции да ги преземат сите мерки за мирно и достоинствено чествување, како и да забрани влез на одредени лица од Бугарија.

МВР на Бугарија најави дека цвеќе на гробот на Гоце Делчев во Скопје ќе положат и бугарскиот вицепремиер задолжен за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев и неговиот заменик Венцислав Катинов.

Според најавите на министерот Спасовски, цвеќе на гробот на Делчев ќе може да положат сите најавени делегации, што значи дека ако дојдат ненајавени граѓани нема да можат да го посетат гробот на Делчев за време на државната свеченост.

Тензиите за чествувањето зовреа откако бугарската фондација „Македонија“, на чело со Виктор Стојанов, најавија дека организирано ќе дојдат од Софија за да му одадат почит на „бугарскиот револуционер“, а претходно атмосферата веќе беше запалена поради провокациите што ги изрекоа бугарските политичари Ангел Џамбаски и Костадин Костадинов при чествувањето на Мара Бунева, кога среде Скопје извикуваа дека Македонија е бугарска.

Стојанов на „Фејсбук“ известува дека македонската полиција ќе ги чека на граница и ќе ги обезбедува за време на нивниот краток престој во Македонија, а тој најави дека во Скопје ќе се појават и околу 40 Бугари од Македонија.

Нивниот план е во 11.30 часот да се соберат на паркингот кај Калето и организирано, во група, „без да провоцираат или да одговараат на провокации“ да се упатат до гробот на Делчев и назад кон паркингот. Неизвесно е дали целата група ќе може да влезе во црквата затоа што полицијата најави дека ќе пушта само делегации.

Од друга страна, Стојко Стојков од забранетата партија на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден Пирин, за медиумите изјави дека „знае дека луѓе се подготвувале да дојдат, но не знае што ќе биде“. Тој не ја исклучува можноста дека овој настан е однапред испланирано сценарио, затоа што тензиите би биле во корист на бугарската антимакедонска политика и на штета на Македонија. Ако има инциденти, Стојков не ја исклучува ниту опцијата Софија повторно да ни стави вето за преговорите со ЕУ.