Фудбалерите на Македонија Ѓорче Петров и на ЦСКА Софија се договорија утрешниот меѓусебен контролен дуел во Турција да го одиграат со паролата „Не за насилство“ во екот на затегнатите односи меѓу Македонија и Бугарија по претепувањето на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид.
„ФК Македонија Ѓорче Петорв како фудбалски клуб, македонски бренд, отсекогаш се залага за општествена одговорност и без национална, етничка или каква било друга дејност надвор од зелениот терен.
По заедничка иницијативата со фудбалскиот клуб ЦСКА Софија пред почетокот на натпреварот да излеземе со парола, со порака ‘НЕ ЗА НАСИЛТВО’ и дека политиката треба да биде надвор од фудбалот.
Двата клуба утрешниот натпревар ќе го одиграат во духот на пријателство и градење на фудбалски манири и доблести“, се вели во соопштението на „лавовите“.
Новата средба на прволигашите од двете соседни земји по двомечот во Конференциската лига на УЕФА во јули минатата година е закажана за утре од 13 часот во спортскиот центар во Белек кај Анталија.
Бранителот на трофејот во Купот на Македонија вчера имаше проверка и против бугарскиот прволигаш Берое од Стара Загора, од кој загуби со 3:2 во Аланија.