Фудбалерите на Македонија Ѓорче Петров се старо-нови победници во Купот на Македонија, откако во финалето на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ во Скопје беа подобри по изведувањето пенали од новиот прволигашки шампион Струга Трим Лум.

Натпреварот во основните 90 минути заврши нерешено 1:1 („лавовите“ поведоа преку Филип Мишевски од пенал во 28. минута, израмни Фатон Јусуфи во 77. минута), во продолженијата немаше голови, а ѓорчепетровци го добија пенал-рулетот со 2:0.


За тимот на тренерот Горан Симов ова е трет пехар од Купот по ланскиот и тој од 2006 година, со што се искачија на третото место на вечната листа во ова македонско натпреварување, кое го дели со Слога Југомагнат и со Силекс.

„Црвено-жолтите“ од Ѓорче Петров ќе играат во Лигата на конференциите на УЕФА.