Каде што (под)застанаа националистите во Грција со пораката „Македонија е грчка“, продолжија нивните „колеги“ од Бугарија, кои на транспаренти во Пловдив тврдат дека „Македонија е бугарска“.
Платна со таков натпис, наменети за премиерот Кирил Петков, осамнаа на надвозниците во градот основан од Филип Втори Македонски, а ги постави студентската организација на вонпарламентарната партија ВМРО-БНД на европратеникот Ангел Џамбаски.
„Веќе непочитуван од нас господин Петков“, почнува јавното обраќање до „министер-претседателот“, во кое се вели: „Темата ‘Македонија’ за бугарскиот народ е една жива рана, а вие само ја посипувате со сол. Вашето однесување е апсолутно неодговорно и смееме да тврдиме – антибугарско, со оглед на ставот. Бугарите се доста чувствителни на оваа тема, а вие можеби не сте запознаен, зошто на Харвард одвај дали се изучува темата за бугарскиот национален идеал“.
„Сметаме дека помирувањето и наведнувањето на главата пред Скопје е национално предавство“, се нагласува во писмото до Петков.