Македонија да не зазема страни во светските судири – пишува Свето Тоевски

Вчерашната изјава на Христијан Мицковски, како лидер на водечката опозициска партија ВМРО ДПМНЕ, со поддршка на „правото на Израел за заштита и одбрана на своето население и територија од нападите на терористичката организација Хамас“ го актуелизираше прашањето: каква треба да биде надворешната политика на Македонија во сегашниот крајно компликуван геополитички момент во светот?

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ всушност и се придружи на позицијата на Соединетите Американски Држави, кои отворено стојат на страната на Израел во судирот со палестинската организација „Хамас“.

Министерството за надворешни работи, со кое раководи Бујар Османи од редовите на ДУИ, му се придружи на официјален Брисел во осудата на „неселективните напади на палестинската организација Хамас врз Израел, реобјавувајќи го твитот на шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, во кој таа го осудува однесувањето на Хамас.
Ставот на Мицковски и позицијата на МНР на Македонија се политички контрапродуктивни, тие не соодветствуваат со автентичните македонски државни и национални интереси. Македонија треба како држава да бара и да здобива пријатели низ светот, а не да зазема страни во светските судири. Во Појасот Газа има мртви на двете страни, додуша веќе речиси 150 меѓу Палестинците, од кои неколку десеттици деца и жени, додека кај Израелците засега десетина лица и во ваква трагична ситуација треба да се има политичка мудрост да не се завлегува каде што нема потреба. Треба да се има сочувство и почит кон смртта кај која било страна, но и исто така самопочит и свест од Македонија да не се прави цел за омраза.

За утре е закажан протестен марш на плоштадот „Македонија“ во Скопје во знак на поддршка на Палестина и тоа е најјасен показател дека во Македонија припадниците на исламската веросповед не остануваат нималку рамнодушни кон ситуацијата во Појасот Газа.

Заземањето страна како држава во крвавиот тамошен судир може да предизвика нови и опасни внатрешни расцепи во ионака кревкото македонско повеќеетничко и повеќевероисповедно општество, овојпат врз политичко – религиозна основа. Во фигуративна смисла кажано, и Македонија има свој „Појас Газа“, свој „Западен брег“… Во жестоките коментари вчера на социјалните мрежи по објавата на Мицковски можеа да се забележат гневни реакции кај Албанци, Турци, кај исламизирани Македонци…

На Македонија како држава допрва ќе и претстои процес на внатрешно консолидирање по пропаѓањето на илузијата наречена „евроинтеграциски процес“, откако официјален Брисел недвосмислено порача како ќе треба да се надминува спорот кој Бугарија го има со Македонија во поглед на македонската национална историја и македонскиот јазик.

На Македонија допрва ќе и претстои и процес на возобновување на државно – политичкиот субјективитет и меѓународно – правниот субјективитет, кои ги имаше во изминатите седумдесеттина години, но кои беа избришани.

Во ваква ситуација формулирањето автентична и достоинствена надворешна политика ќе биде од пресудно значење за македонскиот народ и за сите граѓани на Македонија, да се бараат и да се имаат пријатели и во арапскиот свет и со Израел, во мера најмногу колку тоа ќе може. Не да се биде „тревата која ќе ја газат слоновите кога тие ќе се тепаат меѓу себе“, како што вели умната африканска поговорка.

Нема никаква потреба Македонија повторно да биде на „линијата на огнот“ , како што кажа американскиот државен секретар Џон Кери во 2015 година, имајќи ги тогаш на ум односите меѓу САД и Русија, но овојпат на „линија на огнот“ меѓу Палестинците и арапскиот свет, од една страна, и Израел и неговите сојузници, од друга страна.

Треба да се има политички сенс што и кога да се каже и што и кога да не се каже, особено кога станува збор за репрезентирање позиција на една држава, што не значи заложба за водење пасивна надворешна политика, туку за мудро позиционирање меѓу урнатините од светскиот меѓународен поредок сега кога „светските слонови“ – САД, Кина, Русија – бијат битка меѓу себе за нова поделба на светот на свои сфери на интереси.

Свето Тоевски, магистер по политички науки и независен политички аналитичар