Русија не продава вакцини преку швајцарски Србин за Македонија

Македонските власти не го користат како посредник при набавка на руските вакцини лицето Никола Лакушиќ, Србин кој живее во Швајцарија и кој има полициско досие во Република Србија, како што тврди телевизијата Ал Џезаира.

Ова беше демантирано и од Руската амбасада во Скопје и од Министерството за здравство од каде што нагласуваат дека набавката на вакцината се одвива во директна комуникација со Рускиот инвестициски фонд во Москва

Истото беше деменатирано од два извора – од Министерството за здравство и од Руската амбасада во Република Северна Македонија.

Набрзо по ваквите објави Министерството за здравство во соопштение до јавноста информираше дека набавката на вакцината Спутник V од самиот почеток се одвива во директна комуникација со Рускиот инвестициски фонд во Москва и нема никаков посредник во комуникацијата.

Министерството за здравство во целост ги демантира лагите и дезинформациите објавени на неколку медиуми дека Република Северна Македонија преку „посредник – српски државјанин“, ја набавила вакцината против ковид-19, Спутник V производство на рускиот Центар „Гамалеја, се вели во демантот од Министерството за здравство.

Оттаму наведуваат дека првите 3.000 дози вакцини пристигнаа веднаш откако Министерството го потпиша договорот за набавка на 200.000 вакцини од проиводителот на вакцината Спутник V . Министерството за здравство вели дека нема провизии за ниту една набавка на вакцини против ковид-19.

За набавка на вакцини против Ковид 19, без разлика дали станува збор за Спутник V, Синофарм, Астра Зенека или Фајзер, или Ковакс механизмот, нашата држава ја плаќа цената на вакцината понудена од производителот. Министерството за здравство уште еднаш потенцира дека нема провизии за ниту една набавка на вакцини против ковид-19. Ваквите лажни вести имаат за цел намерно да го нарушат процесот на набавки на вакцини. Министеретсвото за здравство ја цени и поддржува слободата на медиумите, истражувачкото и критичко новинарство, но укажуваме информациите до кои доаѓаат медиумите сериозно да ги проверуваат, како би се избегнало ширење на лажни вести, велат од Министерството.

И Руската амбасада во Македонија ја демантираше веста дека вакцината „Спутник V“ во земјава пристигнува преку посредник:

Амбасадата не ги коментира изјавите на поединечни лица, без оглед на тоа колку се фантастични. Во исто време, земајќи ја предвид посебната важност на ова прашање за граѓаните на Северна Македонија, овој пат ќе направиме единствен исклучок – немаше и нема да има никакви посредници во набавката на вакцини за РСМ: Сите преговори се водеа директно помеѓу Рускиот фонд за директни инвестиции и Министерството за здравство, и токму на овој начин беа постигнати конечни договори, велат од руската амбасада во Македонија за ТВ „Сител“.