Македонија ѝ испратила на Украина и инженерска опрема?! (ВИДЕО)

Каналот „Рибар“ на Телеграм објави дека Македонија ѝ испратила уште еден контингент помош на Украина со воз преку Грција, Бугарија и Романија до југоисточниот украински град Одеса на Црното Море, приложувајќи и видео од транспортот придружуван од украински воен персонал.

Според изворите на „Рибар“, на 7 ноември од Скопје тргнал воз натоварен со инженерска опрема на пат кон Грција. Во композицијата имало повеќе од десетина единици различни видови опрема, меѓу кои и оклопни возила за ремонт и поправка, базирани на машини Т-55, потоа камиони М35, блиндирани џипови „Ленд ровер дифендер“, амбулантни возила, булдожери и кранови. На возот биле закачени и патнички кушет-вагони со персонал од украинската армија, кои ја примиле инженерската опрема во Скопје.

Пратката требало да пристигне во Украина уште во август, но поради ненаведени проблеми, трансферот бил одложен, се додава во написот што го пренесуваат бугарските медиуми. На 9 ноември возот поминал низ Бугарија и преку граничниот премин во Русе се упатил преку Романија кон регионот на Одеса.

Ова е трета пратка од Македонија за Украина по првата во јули со тенкови Т-72, а во почетокот на август Министерството за одбрана соопшти дека ѝ ги подарило на украинската војска и четирите борбени авиони „Сухој 25“, купени од Украинците во воената 2001 година за 4 милиони евра.