Борислав Божинов, кој себеси се идентификува како Македонец, пред камерите на Бугарската национална телевизија (БНТ) побара признавање на сонародниците во Бугарија, а за таа борба самиот ќе придонесе со отворање македонски клуб „Јане Сандански“ напролет во својот двор во селото Крумово кај Пловдив.

„Ние треба да бидеме признаени. Ние живееме под геноцид. Дали имам право да учам во македонско училиште? Немам. На сестра ми ѝ пишуваше Македонка во пасошот на нејзината свадба. Партискиот секретар на Крумово ѝ го искина пасошот затоа што на него пишуваше Македонка“, вели 69-годишникот во прилогот на БНТ, нагласувајќи дека во Бугарија има голема македонска заедница, но се плаши јавно да се изјасни.

Божинов сам ќе ја финансира изградбата на македонскиот клуб, кој ќе биде сместен во неговата гаража. Тој е убеден дека во бугарско-македонските односи не треба да има омраза, а така мислат и неговите соседи.

Семејството на Божинов е од Пиринска Македонија. Тоа прво се населило во Шумен, а потоа се преселило во селото Крумово. Според него, дури и на неговата улица има многу Македонци, но сите се плашеле да го објават тоа официјално. На последниот попис тој самиот ја посочил својата национална припадност – Македонец.

Репортажата на БНТ со Божинов на следниот линк:

https://bntnews.bg/news/mazh-ot-plovdivsko-selo-otvarya-makedonski-klub-v-dvora-si-1213748news.html