Македонец убиен со кол од 14-годишник кај Сончев Брег

Македонски државјанин на возраст од 49 години е најден мртов, со видливи повреди на главата, во шумски предел близу бугарското летувалиште Сончев Брег.

Вчера околу 11 часот регионалната канцеларија на полицијата во Несебар добила порака дека е пронајдено машко тело до ресторанот „Бачвата“. Извршен е увид и веднаш покрената истрага, која резултирала со идентификување на 14-годишник од Несебар како извршител на убиството со остар кол, кому му е одреден притвор до 24 часа.


Македонецот влегол во Бугарија на граничниот премин Деве Баир – Ѓуешево на 24 јануари годинава.

Засега не се познати причините за убиството, а на случајот работат Одделението за криминална полиција при ОДМВР – Бургас и Регионалната управа – Несебар.