Транспарентот со навредлива содржина и скандирањето на навивачите на Партизан на синоќешниот натпревар со Вардар од ракометната СЕХА-лига во Белград предизвикаа остра осуда од Партијата на Македонците во Србија.
„Ова е класична провокација со говор на омраза. Многу е симптоматично тоа што ‘Гробарите’ застанаа на страна на Бугарите, што нема никаква здрава логика. Отсекогаш имале пријателски односи токму Партизан и Вардар и да се зазема бугарската страна и да се провоцира е непримерно. Никогаш немало ваков вид провокација. Нешто се случува и ова сигурно е еден вид политичка провокација, зошто политиката, за жал, влезе и на спортските терени, што не смее да се случи. Очекувам ригорозна казна за овој настан за ракометниот клуб, зошто невозможно е некој да внесе таков транспарент, а службите за обезбедување да не изреагираат и да не ги спорат“, изјави за ТВ Сител претседателот на партијата, Горан Илиевски.
Тој е изненаден и од молкот на Министерството за надворешни работи.
„Ме изненадува. Се чув директно со кабинетот и рекоа дека ќе ме исконтактираат надлежните служби. Нема никаква реакција од нашето МНР. Ние мораме да ги штитиме интересите на нашето малцинство во Србија. Со ова сме директно навредени и, верувајте, секој од нашите Македонци во Србија што навива за Партизан, јас 60 години навивам за Партизан, не знаме што нè снајде. Едноставно, во шок сме по една ваква провокација“, додаде Илиевски.
