Поранешниот почесен конзул на Македонија во САД, Џејсон Мико, открива зачудувачко подведување на Македонците под „православни“ од американскиот заменик-помошник државен секретар Габриел Ескобар, за разлика од Албанците, кои ги именува токму така.
„Официјална политика на Стејт департментот на САД? Заменик-помошникот секретар на САД, Габриел Ескобар: #Македонија е ‘вистински пример за мирен соживот меѓу Албанците и православните луѓе’. Само што ги избриша Македонците #Македонија“, реагира Мико на Твитер покрај линкот до интервјуто на Ескобар за „Павловиќ тудеј“, во кое ја охрабрува Македонија да направи уставни измени.
„Едно нешто што тие го прават правилно е Северна Македонија во контекст на регион кој од многу аспекти на негативната страна се карактеризира со етничко ривалство. Северна Македонија е вистински пример за мирен соживот меѓу Албанците и православните луѓе. Значи, сега е модел на демократска граѓанска држава. Она што треба итно да го направат сега е да се придвижат напред кон спроведување на договорите што ги имаат, да поработат на уставните измени“, изјави Ескобар.
„Експресно, тој се осврна на договорот постигнат со посредство на ЕУ за Северна Македонија да ја промени преамбулата на Уставот за да ги признае етничките Бугари како конститутивна етничка група“, го најавува „Павловиќ тудеј“ вториот дел од изјавата на Ескобар.
„Сега нивната преамбула веќе признава неколку етнички групи. Не мислам дека ова е проблем. И, исто така, мислам дека Северна Македонија има прилично добро досие за заштита на правата на малцинствата. Но, тие треба да го направат тоа. И ние се надеваме дека тие ќе го направат тоа. И се надеваме дека тогаш, конечно, целосно ќе ја отвориме вратата за нивната европска интеграција, бидејќи да бидам искрен, Северна Македонија може многу, многу брзо да затвори поглавја. Тие се реформски настроени“, додаде тој.
