Обединетата македонска организација „Илинден“ размислува на утрешното чествување во Благоевград на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев нејзините претставници да носат жолти Давидови ѕвезди како симболика за односот кон нив во Бугарија, кој го поистоветуваат со тој кон Евреите во Втората светска војна!
„Денес на состанокот на ОМО ‘Илинден’ во Благоевград по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев се размислува дали да се прифати и еден интересен предлог за утрешниот ден. На 04.02.2022 година сите присутни Македонци, при полагањето букет свежо цвеќе на споменикот на Гоце Делчев по повод 150 години от неговото раѓање, да носат на своите палта жолта Давидова ѕвезда (а во центарот на ѕвездата да биде испишан зборот Македонец). Таква Давидова ѕвезда за време на Втората светска војна беа задолжени от нацистите да носат сите Евреи како обележје на своите ревери.
За жал, во денешна Бугарија судбината на етничките Македонци во пиринскиот дел на Македонија и на Македонците во Бугарија не е поразлична од судбината на еврејскиот народ за време на Втората светска војна. Дури и денес, во 21 век, етничките Македонци во Пиринска Македонија и во Бугарија не се признати како Македонци, подложени се на секаков вид репресии, асимилација и геноцид“, сподели на Фејсбук македонскиот активист од Благоевград, Атанас Кирјаков.
Општина Благоевград ѝ дозволи на ОМО „Илинден“ да положи цвеќе на споменикот на апостолот на македонската револуционерна борба на плоштадот „Македонија“ утре од 14 часот, соопшти членот на Управниот совет на ОМО „Илинден“, Кирил Иванов.
Кирјаков, еден од основачите на ОМО „Илинден“, извести дека дозвола од општината за положување венец добило и Културно-просветното и спортско друштво „Светилник“ чиј претседател е тој.