Македонците се пак на вистинската страна на историјата, наспроти фашизмот и „северот“, но потребен е и нов 11-ти Октомври!

Пишува: Свето Тоевски

Во Првата балканска војна во 1912 година Бугарија, заедно со Грција, Црна Гора и Србија, војуваше против османлиска Турција, водена од „санстефанскиот“ великобугарски сон да приграби колку е можно поголем дел од дотогаш се уште компактната етнојазична територија на Македонија. Не и се исполнија „соништата“ и ја згреши вистинската страна на историјата. Во Втората балканска војна во 1913 година, незадоволна од своите територијални придобивки, Бугарија ги нападна своите поранешни сојузници Србија и Грција. Војната заврши со Букурешкиот „мировен“ договор. Бугарија го доби Пиринскиот дел на Македонија, но дали и тогаш беше „одбир на вистинската страна на историјата“ нејзиното учество во распарчувањето на територијата и телото на македонскиот народ, расфрлен во државите, кои ја поделија меѓу себе етничка Македонија?!

„Црно-црвените дамки“ во бугарската историја

Најголемата „утка“ со згрешувањето на страната на историјата Бугарите ја направија во 1941 година кога се наредија на страната на Хитлер и фашизмот, против напредното човештво и слободољубивиот македонски народ. Пак со иста намера: да ја приграбат Македонија. Колеа, правеа ѕверства, убиваа партизани, обесчестуваа мајки, жени, девојки-Македонки, но македонската жед за слобода беше посилна од нивната „глад“ за Македонија и нејзината територија. Бугарскиот фашизам беше поразен, а во бугарската историја остана уште една огромна и неизбришлива црно-црвена дамка: црна поради сите зла и несреќи, кои му ги приредија на македонскиот народ, а црвена поради македонската крв, која ја пролеаја бугарските фашистички злосторници по сите убиства и колежи во Македонија и тоа не само во Втората светска војна.

Денес, по 82 години Бугарија и бугарските политичари одбраа уште еднаш целосно погрешна страна на историјата: повторно се фрлија и запливаа во „фашистичките води“, вадејќи ги од „историските магацини“ своите „национални идоли“ Ванчо Михајлов, царот Борис Трети, татко му Фердинанд, се кој од кого „позаслужен“ за „Мајка Бугарија“ со нивните антимакедонски дејствувања низ историјата! Велам „бугарските политичари“, бидејќи никој нема право цел еден народ, бугарскиот, да го прави фашизоиден.

Да погледнеме за момент на „пошироката слика“ на случувањата и да ја споредиме со повторното повампирување на бугарскиот фашизам среде Македонија. Низ Европа се уриваат споменици на победниците од Втората светска војна. Во одделни држави во Балтикот и Југоисточна Европа, но и во Германија и Австрија фашизмот крева глава како идеологија. Повторно „Мајн кампф“ – „ремек-делото“ на Адолф Хитлер станува книга, која буди интерес и инспирација кај се повеќе поединци на европскиот континент, но и во светот.

Во овие моменти Бугарите можеби се во првите редови на овој „тренд“: во Македонија отвораат „културни клубови“ со имињата на своите цареви, врховистички и великобугарски дејци, фашистички офицери, со што им приредуваат чествувања на нивните злодела! Каква е таа свест, која возобновува и велича фашизам, озлогласени крвници на македонскиот народ, која слави смрт и човечки страдања?! Бугарските политичари, цела низа бугарски научници и аналитичари сега со уште поголема жестина плукаат и газат врз македонскиот национален идентитет, ги „множат со нула“ и македонскиот јазик и засебноста на македонската историја. Ова е дел на фашистичката идеологија, на фашизмот, така и Германците не ги сметаа Евреите како луѓе…

Но, вџашувачки е фактот, што „цивилизираната“ и „хуманизирана“ Европска Унија речиси нескриено ги поддржува овие бугарски изблици на новофашизмот, што ги легитимира и ги спакува во некаква „преговарачка рамка“, во „францускиот предлог“. Европските емисари дури побараа и 11-ти Отомври да не бил повеќе македонски државен празник?! Геноцидниот неофашистички „француски предлог“ и „преговарачка рамка“, на кои пробугарската намесничка Влада во Скопје им даде целосна поддршка, имаат за цел пепел да сторат се што носи идентификациски предзнак „македонски“. Со тоа официјална Софија и ЕУ не само што се наредија на погрешната страна на историјата, туку и целосно забегаа!

Но, Македонците не се помируваат со инсталирањето на бугарскиот новофашизам преслечен во европско руво на македонската територија. Веќе е создадена компактност на македонското национално тело во отпорот против бугаризацијата и плановите за приграбување на „бугарското парче“ на македонската територија. Мнозинството на македонската нација се спротивставува на тие бугарски цели, како Македонците во Република Македонија, така и Македонците во Пиринска Македонија, во иселеништвото… Затоа, може да бидат опасни обидите насила да се „протнат“ „државотворните Бугари“ во македонскиот Устав со примена на „преспанскиот рецепт“ од 2017 година…

„Вистинската страна на историјата“ за Македонците е спротивно од „северот“, накај „Кутлешкото сонце“ на слободата!

Токму во врска со „Преспанскиот договор“ Македонците уште во 2018 година се наредија на вистинската страна на историјата со „антипреспанскиот референдум“ кога беше погазена нивната политичка волја и името „Македонија“ и беше „предадено“ на Грција како „нејзина сопственост“. Сепак, се има свој „рок на траење“, така и двава „добрососедски договора“, така ќе биде и со „Ванчо Михајлов“ во Битола, со „Цар Борис Трети во Охрид“, со „Цар Фердинанд“ во Гевгелија…

Но, што значи, всушност, „вистинска страна на историјата“?! Тоа не е придружување на страната на оние, кои што победиле во некоја војна со примена на сила врз други, со предизвикување смрт, со газење на универзалните принципи на хуманизмот, слободата и правото на самостоен и суверен живот во сопствената држава. Од аспектот на македонската нација и на Македонија, „вистинската страна“ на историјата не е „северот“, туку „страната на сонцето од Кутлеш“ (не од Вергина!). Македонската, „вистинска страна на историјата“ е страната на човекољубието, стремежот кон слободата и правдата, љубовта кон својата татковина и почитта кон другите.

Ова е составниот дел од македонскиот ген. Ова се суштинските белези од македонствувањето, од битисувањето на македонски начин, нешто што е во целосна спротивност со бугарскиот новофашизам, со грчката негација на другите етноси и јазици во Грција, главно на македонскиот етнос и јазик. Но, не е доволно само да се биде на правилната страна на историјата. Македонците мора да бидат свесни дека е уште поважно да започнат самите да го „испишуваат“ новото поглавје во својата национална историја, повторно фашизмот и неговите протагонисти да ги „испратат“ кај што им е местото, на ѓубриштето на историјата.

Највисоката цел на македонските политички партии, првенствено на опозициските, треба да им биде, во содејство со интелигенцијата, да започнат да ја возобновуваат македонската иднина на Македонија. Новата македонска иднина мора да се засновува врз нова државно-национална стратегија, која ќе тргнува, покрај другото, и од фактот дека „европската иднина“ веќе се претвори во негација на македонизмот. Сега се променети историските и политичките околности: повеќе не доволно само да се прославува 11 Октомври, поникнат пред 82 години, туку треба да се создава и новиот 11 Октомври!