Македонски здруженија и организации, на чело со партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), побараа од албанската држава да ја забрани фондацијата „Бугарско сеќавање“ ма Милан Врабевски, обвинувајќи ја Софија за создавање непостоечко бугарско малцинство преку денационализирање и асимилирање на Македонците во Албанија.
„Фондацијата ‘Бугарско сеќавање’ и нејзиниот претседател, поддржани од бугарски структури, преку донации ги корумпираат албанските функционери за да ги асимилираат Македонците во Албанија“, стои во писмото на МАЕИ. „Самата фондација се пофали дека има голема заслуга за признавањето на бугарското малцинство во Албанија во 2017 година. Со текот на годините, оваа фондација создаде мрежа во Албанија, инфилтрирајќи се во различни институции за да ја поттикне својата агенда за асимилација на македонската заедница. Мрежата финансирана од Фондацијата е вклучена и во бизнисот со бугарски пасоши во Албанија. Локалните власти во неколку албански општини масовно издаваат нелегални потврди за бугарско потекло на албански државјани кои аплицираат за бугарски пасош, со една цел – користење на привилегиите на ЕУ“, додаваат од партијата. „’Бугарско сеќавање’ влијаеше и на последниот попис на населението во Албанија, поставувајќи попишувачи во областите со македонско малцинство. Преку притисоци, закани и поткуп, албанските граѓани се принудени да се декларираат како Бугари“.
Претседателот на МАЕИ, Васил Стерјовски, вели дека писмото е упатено до албанскиот претседател, до министерствата, до народниот правобранител, до Комисијата за антидискриминација и до странските амбасади во Тирана.