Пишува: Свето Тоевски
„Тоа нема да биде, господине Ескобар. Не, ние не сме согласни со тоа, што го мислите вие за Македонија. Ние, македонскиот народ нема да им дозволиме на други да прават своја политика со Македонија. Нашата борба за Македонија и Уставот е за нас живот, или смрт. Ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме, или да умреме и кога. Нема да оставиме да ни командувате вие, САД и ЕУ и и да не внесете во една таква авантура со менувањето на Уставот, која ќе претставува крај за македонската држава и за македонскиот народ. Нашето минато, сегашност и иднина ни се скапи и ние сакаме само ослободување. Македонскиот народ сака да живее и да расте, не под бугарското сонце. Не мешајте се во Македонија и оставете го македонскиот народ намира сам да решава за себе. Знајте: ние не бараме покровители, а уште помалку господари.“ – ова е одговорот, слободен сум да кажам, на македонскиот народ до високиот американски дипломат Габриел Ескобар по неговото најново инсистирање да се промени македонскиот Устав.
Зборовите на Водачот на Македонската Револуција Гоце Делчев, што му ги кажа на великобугарскиот врховистички генерал Данаил Николаев во февруари 1896 година, македонскиот народ му ги кажува на и Габриел Ескобар, бидејќи повторно, и по 127 години, се во игра истите бугарски интереси, истата бугарска намера за растурање на Македонија преку промената на Уставот.
САД имаат свои планови за „прекројување“ на Балканот во геостратегискиот судир со Русија и Кина, кој ќе воспостави целосна контрола врз овој дел од европскиот континент. Во овој контекст САД ги става во служба на своите интереси великодржавните идеологии на Бугарија, Грција и Албанија, за кои не постојат ниту Македонија, ниту македонскиот народ.
Форсирајќи го барањето за промена на македонскиот Устав, САД застануваат и зад возобновувањето на бугарскиот фашизам од Втората светска војна во Македонија. Кога ова го велам, не ширам никаков антиамериканизам, туку антиамериканизам шири самиот Ескобар и сите други американски претставници, за кои македонскиот народ не е македонски народ, туку „православните луѓе од *Македонија“. За нив постојат по име и Бугари и Албанци, но не постојат Македонци. Со ова однапред се се кажува, која е целта за менувањето на Уставот.
Не ширам ниту антиевропејство, туку самите Урсула Лаен, Оливер Вархеи и другите претставници на Европската Унија шират антиевропејство со својата веќе отворена и директна поддршка за Бугарија, за „Бугарскиот договор“ и „Преспанскиот договор“, со издиктираниот „француски предлог“. Не постојат Македонија и македонски народ ниту за Европската унија.
Јас се застапувам само за македонизам и ширам само македонизам. Поедноставено, во еден дел од оваа државно-политичка концепција и идеологија, тоа значи: Македонија и Македонците сакаат да да се настрана од „од линијата на огнот“, како што велеше поранешниот американски државен секретар Џон Кери. Да се тргнат настрана од жариштето на судирот меѓу САД, Русија и Кина и низ еден концепт на автентична политичка неутралност наспрема сите овие глобални геостратегиски играчи да си ги зачуваат својата држава Македонија, својот македонски национален идентитет и македонски јазик.
Дали е ова можно? Дали е ова политичка утопија и илузија сега кога вријат цела Европа, а посебно Балканот? Дали ќе им дозволат тие „глобални „покровители“ и „господари“ на Македонија и Македонците да се истават настрана од нивната меѓусебна „линија на огнот“? Дали ќе ги поштедат од се поагресивните барања да се промени Уставот?
Реалполитички анализирано, тешко, но тука ќе приведам став на уште еден од најважните предводници на македонското револуционерно и народноослободително движење Ѓорче Петров: тогаш би бил подобар „ужасен крај, отколку ужас без крај“… Бидејќи, би уследил токму „бугарски ужас без крај“ за Македонија и Македонците, ако би дозволиле да се промени Уставот.
Нема друг пат: концептот на политичката неутралност, со еднаква оддалеченост од сите, е веројатно најневозможниот, најтешкиот, но и единствен пат, кој би овозможувал шанси да се спречи распадот на Македонија. Граѓаните, населението во Македонија е од различна етничка припадност, со различни политички ставови и кон едни и кон други. Во таква ситуација императивот да се зачува внатрешната стабилност и територијалниот интегритет налага подалеку и од едните и од другите „покровители“ и „господари“, како што велеше Гоце Делчев.
Габриел Ескобар споменува „евроатлантски пат“, „евроинтеграции на * Македонија“. На Македонците им е веќе сосема јасно дека од сето тоа нема ништо, оти ЕУ нема намера за нејзино натамошно проширување, уште помалку некој би примал во своите редови некаква парадржавна творба без никаков внатрешен и надворешен суверените наречена „северна“, една обездржавена територија со октроирана, наместена политичка елита, самонаречена Влада, која не води интереси за никакви државни ниту национални интереси. Но, ниту најголемото мнозинство од македонскиот народ повеќе не сака да влегува во оваа и ваква ЕУ. Тоа се покажува и се потврдува од цела низа анкети на јавното мислење.
Габриел Ескобар не треба да и се обраќа на ниедна, на која било македонска партија да поддржува промени на Уставот, бидејќи ниедна партија не добила и никогаш нема да добие таков мандат да се укинат македонската држава и македонскиот народ, кои тие мора да ги застапуваат и да ги штитат. Велејќи го ова, изнесувам личен став, произлезен од своја објективна политиколошка анализа, кој нема поврзаност со ниедна политичка партија и со уредувачка политика на ниеден медиум.