Пишува: Свето Тоевски
Стаписан сум, не можам да сфатам: „големата Америка“ нè третира мене и мојот македонски народ како да сме Сијукси, Команчи или не знам кое „диво“ индијанско племе, од кои милиони беа истребени од рацете на „цивилизираните“ Американци! Но и уште полош е овој однос на американската амбасадорка Ангела Агелер и на нејзините наредбодавци од Вашингтон: како – така, преостанатите Индијанци денес живеат во некакви резервати во САД, а на „Православниот народ од * Македонија“ не му е предвидена ниту таква судбина, туку целта е да ги снема и нив и Македонија од картата на светот, откако би се спровеле бараните уставни промени!
Вџашувачки е фактот: Америка, федерална држава, што е во фаза на активен распад, во која веќе има најмалку 12 сецесионистички движења во сојузни држави, што сакаат да се отцепат од „центарот – Вашингтон и која, според редица американски аналитичари и експерти, наближува кон втората нивна граѓанска војна, оваа и ваква Америка толку настојчиво да бара распад и на оваа Македонија, инсистирајќи на уставните промени.
Една држава, ако е голема, ќе ја покаже својата големина според тоа како се однесува кон помалите држави и помалите народи. Колку е „голема“ Америка, однесувајќи се вака кон Македонија, штом врши се пожестоко притисок да се промени Уставот на оваа држава? Но, овде едно уточнување: ниту Македонија, ниту Македонците не се мала држава и мал народ. Македонците се директни наследници и продолжители на огромна цивилизација и огромна историја, носат врз своите плеќи и во својата колективна национална меморија државотворни традиции, кои траат безмалку три илјадалетија без прекин. Соединетите Американски Држави се држава, која е формирана само пред 246 години.
Сите оние што шират малодушност и кои сакаат да го оборат македонскиот дух, треба да разберат дека Македонците и во овие моменти продолжуваат да произведуваат историја, одолувајќи им на притисокот на ЕУ, САД и толку европски и други меѓународни емисари, кои доаѓаат со своите наредби како да изгледа преамбулата на Уставот, односно во неа да се внесат Бугарите. Ангела Агелер треба да биде свесна дека со своето интервју за МИА само испровоцира жестоки противреакции од Македонците и направи да биде уште посилен народниот отпор против „бугаризирањето“ на Уставот.
Од македонски агол ќе искоментирам неколку клучни момента од интервјуто на американската амбасадорка Ангела Агелер за МИА:
1. „Оваа земја е дојдена до точка, кога треба да ја отвори вратата, да се втурне низ неа“: точно, Македонија е дојдена до точката, но тоа е точката, после која ќе нема назад, ако се отвори таа „врата“, која води кон бездната, кон распадот на Македонија, бидејќи Бугарија само го чека „отворањето на вратата“ – на Уставот.
2. Под „геополитички влијанија на Русија во Македонија малигни актери создаваат и сеат хаос низ земјата, предизвикуваат тензии и штети меѓу земјата и Бугарија,а сакаат да му наштетат и на придвижувањето кон Европската Унија“: отпорот на македонскиот народ кон промената на Уставот е автентичен македонски, кој нема никаква врска со Русија, ниту со Путин; овде се поставува и прашањето дали САД го сметаат целиот македонски народ како „колективен малиген актер“, штом ги отфрла наредбите и диктатите да се „придвижува кон ЕУ“ на „бугарски начин“?
3. „Или поддржуваш да се направи она што е потребно за придвижување кон ЕУ, или си против“: македонскиот народ никогаш нема да подржи и нема да дозволи никакви уставни промени, ништо, „што е потребно за придвижување“ кон ЕУ; и на малите деца им е јасно дека вратата на ЕУ останува затворена можеби и за секогаш за новите проширувања, а за Македонија сто проценти засекогаш – никој не сака народ, кој не е подготвен да коленичи пред никого и кој не бара „господари“ или „покровители“, што јасно порача Апостолот на Македонија Гоце Делчев пред 127 години.
4. „Народот на оваа земја, а и народот на Бугарија, ги препознава придобивките од тоа да се има сосед, многу близок сосед … и сите овие активности, што е најголемата придобивка за оваа земја, а тоа е и во најдобар интерес и на Бугарија и на другите соседи од Западен Балкан“: кога Агелер, односно САД велат „народот на оваа земја“, одбегнувајќи да кажат македонски народ и Македонија, однапред покажуваат која е целта на промените на Уставот; „најголемата придобивка“ од „сите овие активности“ е во „најдобар интерес“ само на Бугарија и на сите други соседи на Македонија од Западниот Балкан, а за Македонија тоа ќе значи бугаризација на сите нивоа на животот на македонскиот народ, ќе значи целосно преуредување на државата, преку уништувањето на нејзините АСНОМ-ски темели со инсталирањето на „санстефанската“ великобугарска идеологија и платформа во Уставот на Македонија.
Овде ќе запрам, за да не бидам обвинет дека ширам „антиамериканизам“ како „малиген“, „путинизиран Македонец“. Јас ќе кажам дека сум само Македонец, како и најголемото мнозинство од мојот македонски народ, кој не гледа кон Москва, туку накај моштите на Гоце Делчев во Скопје и накај гробот на Јане Сандански во Мелник, во Пиринскиот дел на Македонија, накај македонската иднина на Македонија.
Исто како и на почетокот од овој текст, сакам сосема коректно да им порачам на американската амбасадорка Ангела Агелер и нејзините налогодавци во Вашингтон: не третирајте ги Македонците како Сијукси, Команчи, или кое било друго племе во вашата Америка, не третирајте ја Македонија како некоја африканска колонија. Вашите вазали во ликовите на Ковачевски, Али Ахмети можете да ги третирате како што сакате, тие ништо нема да ви забележат, тие само се радуваат на тоа и ви се благодарни.
САД нема причина да им се обраќаат на политичките партии во Македонија: тие немаат ни сега ниту кога било ќе имаат мандат за укинувањето на Македонија и на македонскиот народ. САД треба да им се обратат единствено на Македонците и нив да ги прашаат зошто нема да дозволат никогаш никакви промени на Уставот на нивната држава. Сепак јасно е дека овој народ нема за тоа никогаш да биде прашан. Напротив, стремежот е повторно да биде погазена неговата политичка волја како во случајот со бришењето на името Македонија.
Македонците ќе дозволат и ќе спроведат самите промена на Уставот, но само тогаш кога ќе дојде поволниот момент: за елиминирање на „северна“ и за поништување на „Преспанскиот“ и „Бугарскиот договор“. Час поскоро. Геополитичката ситуација во Европа и во светот се менува се побргу, во корист на македонскиот народ и Македонија… САД се свесни за ова и затоа толку притискаат за уставните промени…
Ставовите што ги изнесувам во овој текст се само мои лични, произлезени од објективна политиколошка анализа и тие немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија и со уредувачка политика на ниеден медиум во Македонија. А пак со Русија и Путин, повторувам, немаат апсолутно никаква врска.