Неколку часа пред изборниот молк здравиот разум не може, а да не се спротивстави на раширеното мислење не само во Македонија дека вториот круг од претседателските избори в недела ќе го решат Албанците. Те оние десет проценти освоени гласови на Блерим Река во првиот круг ќе влијаеле врз победникот во вториот, те ДУИ ќе му донела на Стево Пендаровски до фантастични 150.000 гласови повеќе, те ќе немало цензус оти на Албанците повеќе им одговарало Талат Џафери да биде вршител на должноста претседател до изборот на новиот.
Ништо од ова нема да се случи ако Македонците на 5 мај многу помасовно ги посетат избирачките места отколку на 21 април. Не потценувајќи го гласачкиот потенцијал на албанскиот електорат во државава, но клучот за избор на наследникот на Ѓорге Иванов го имаат Македонците, од проста причина што, според последниот попис од 2002 година, тие се безмалку две третини од населението или 65,17 проценти, а Албанците една четвртина или 25,17 отсто. Просто како грав.
Дури и при повторување на гинисовското гласање за неколку секунди од локалните избори во 2017 година и од првиот круг на овие претседателски во некои средини со доминантно албанска популација, тоа не може да го покрие евентуалниот натпросечен одзив кај македонското гласачко тело. Како и на референдумот од 30 септември, кога со масовниот бојкот ѝ удрија жешка шлаканица на власта и го означија почетокот на крајот на заевизмот, и сега сè е во рацете на Македонците. Не занемарувајќи ги гласовите на помалите етнички заедници, но уште во првиот круг можеше да се насети бесот пред сè на мнозинскиот народ од антимакедонската политика на власта. Крајно израмнетиот резултат меѓу двајцата фаворити, и тоа при бојкот од еден дел незадоволни и разочарани од македонскиот кампус, всушност, токму овој дел од гласачкото тело го прави можеби и повлијателен за конечниот резултат од албанскиот блок.
Без навлегување во причините за нивниот став дека не сакаат да ја легитимираат „Северна“ со сопственото гласање, бојкотирачите, сепак, должат објаснување како мислат да ги променат состојбите на политичката сцена во земјата со седење дома. Од досега познатите искуства, власт се менува или на избори, или со револуција. За второто од авион се гледа дека нема објективни предуслови ни да се замисли, а камоли да се спроведе во моментов. Според тоа, на граѓаните што не се согласуваат со политиките на Заев, Шекеринска, Димитров, Ахмети, Османи и компанија не им преостанува друго освен да се обединат околу опозициската кандидатка Гордана Силјановска-Давкова.
Ако некој смета дека требало, можело или морало да му се спротивстави некој друг на Пендаровски, имал доволно време да ѝ го претстави на јавноста и да проба да ѝ го наметне како соодветна опција. Мрчењето и наоѓањето мани, а ненудењето алтернатива, не е само бегање од одговорност, туку и директно одработување за противникот.
Покрај тоа, бојкотирачите најверојатно прв и последен пат имаат можност да го применат таквиот начин на политичка борба на претседателски избори. При понизок цензус од законските 40 проценти од запишаните избирачи плус еден глас за вториот круг се најавува избор на шеф на државата во Собрание или укинување на наведениот услов за излезноста на гласачите.
Не е сè совршено во таборот што најавува правда за Македонија, но од некаде мора да се почне. Република Македонија не може да си дозволи да ја прокоцка можеби последната шанса за да докаже дека „Северна“ е мртвороденче непосакувано од мнозинството Македонци. Секоја дивоградба кога-тогаш мора да се соочи со законот во држава што претендира да биде демократска, а првата сметка за силувањето на уставниот поредок и на волјата на македонските граѓани мора да биде испорачана на 5 мај.
Послужувајќи се со вокабуларот на „шарените“, Македонците в недела имаат можност со пенкало да урнат режим. Ако не успеат, бидејќи некои од нив биле за бојкот, а други имале попаметна работа од таа да излезат и да гласаат за прва жена претседател на македонската држава, за тоа нема да им бидат виновни Албанците.