Фантастична сабота за фудбалските репрезентативци на Македонија, од кои тројца ја затресоа мрежата пред паузата во националните првенства во пресрет на мундијалот во Катар.

Елиф Елмас буквално си поигра со одбраната на Удинезе и со мајсторска завршница ја запечати победата на Наполи од 3:2, погодувајќи во 58. минута за водство од 3:0, а претходно асистираше за водечкиот погодок на Виктор Осимхен по 15 минути игра. За македонскиот фудбалски бисер ова беше трет гол и прва асистенција на првенствените средби сезонава.

Во спротивниот табор неговиот репрезентативен колега Илија Несторовски го запиша својот првенец сезонава кога осум минути по влегувањето во игра намали на 3:1 во 79. минута.

Во шкотската Премиер лига, пак, продолжува гол-серијата на Бојан Миовски, кој изнуди и реализира пенал во 35. минута во победата на Абердин против Данди јунајтед од 1:0. Со својот 11. погодок македонскиот напаѓач се израмни на врвот на листата на стрелците со Хрватот Антонио Чолак од Ренџерс.