Мајка и ќерка од САД никогаш нема да го заборават грчкиот остров Миконос, каде што во ресторан добиле сметка од 600 евра за два коктела и две порции краби, пишува британски „Дејли мејл“.

Бренда Молтон и нејзината 19-годишна ќерка Кејла го поминале денот на популарната плажа „Платос јалос“ и ручале во ресторанот „ДК Ојстер“, каде што доживеале низа непријатности. Откако одбиле да ја платат сметката, им се заканиле дека нема да ја напуштат Грција.

„Две мохита и две порции краби не можат да чинат 600 евра. Не сакам да ја платам таа сметка“, му рекла Бренда на келнерот.

„Ако не ја платите сметката, ќе викнеме полиција и нема да можете да ја напуштите Грција. Лесно ќе утврдиме каде сте сместени“, ѝ одговорил тој.

Туристка што ја набљудувала сцената рекла дека нешто слично се случило во истиот ресторан и претходниот ден и оти дошла полиција, која, според неа, „веројатно“ е вмешана во сè.

„Во западниот свет не постои слободна земја во која келнери би ја објаснувале наплатата на сметките. Понекогаш се обидуваме на гостите да им ги објасниме големите трошоци на работењето во туризмот. Ни луксузнит е брендови не ги објаснуваат своите цени. Изборот е на купувачот“, е коментарот од ресторанот.