Маѓепсаниот круг на обвинителот Гаврил, што смрди во (пред)истрагата за масакрот во Скопска чаршија

Шефот на Скопското јавно обвинителство Гаврил Бубевски во јавноста излезе со шокантно тврдење дека Основното јавно обвинителство не може да почне со истрага се додека е непознат идентитетот на убијците на две лица во Шиша Бар во старата Скопска чаршија.

Негови активни и екс колеги обвинители кои инсистираат на анонимност поради сложеноста на случајот велат дека ова е една од најголемите глупости што ја чуле од обвинител во нивните кариери.

Според нив Бубевски од МВР веќе ги знае правците на истрагата кои водат до конкретни сторители и може да започне истрага против групата за која веќе постојат индиции дека го направила масакрот.

Тие го потсетуваат Бубевски дека тој лично и соодветниот обвинител што го води случајот имаат прецизни законски надлежности да обезбедат докази и да го процесираат случајот.

Со други зборови според неговата изјава Гаврил Бубевски не може да отвори истрага се додека тој самиот не обезбеди докази за сторителите во предистрагата.

Ова го потврдува членот од законот за Кривична постапка кој ја утврдува надлежноста на обвинителството која е кристално јасна.

Според коментарите на негови колеги Гаврил Бубевски како да “заборавил” дека тој како јавнообвинителски орган согласно член 283 од Законот за кривична постапка раководи и со предистрагата која треба да обезбеди докази за можните мотиви, нарачатели и сторители на кривично дело убиство за да отвори истрага.

,,Кога би дошле до сознание кои се извршители и кои се евентуално нарачатели на ова кривично дело, во тој случај веќе се отвора истрагата и продолжува формалната постапка што си има свои посебни правила на постапување“, рече шефот на ОЈО кој додава дека откако е запалено возилото нема повеќе информации, зашто тој дел не е покриен со соодветен видео надзор.

Според полициски извори МВР веќе има сериозни индиции за групата која го извршила двојното убиство како и за нарачателите на делото. Овие сознанија според истите извори се веќе доставени до Бубевски и тој има доволно информации за покренување на истрага која сепак не почнува.

Што е тоа што го спречува Бубевски да почне со истрага макар и против непознати сторители пред да бидат уништени можни докази засега останува нејасно.