Аргентина на убедлив начин стигна до своето петто финале на светските првенства во фудбал, откако ја надигра Хрватска со 3:0 во Катар, инспирирана од новата блескава партија на Лионел Меси, кој учествуваше во сите три гола, а одушеви со мајсторскиот пробив и асистенцијата за двојниот стрелец Хулијан Алварез при третиот.

„Гаучосите“ не само што се изборија за можноста да стигнат до својата трета светска круна, туку и целосно му вратија на вицешампионот за поразот од 3:0 на претходното СП во Русија.


Токму Меси го отвори резултатот од пенал во 34. минута, пет минути подоцна беше дел од контранападот што успешно го заврши Алварез, кому му припадна привилегијата да го круниса ремек-делото на 35-годишниот фудбалски виртуоз во 69. минута.

Носителот на шест „златни топки“ со својот петти погодок во Катар го престигна Габриел Батистута и сега е најдобар стрелец на Аргентинците во историјата на мундијалите со 11 гола, а во своето второ финале на планетарните шампионати в недела ќе атакува на првиот пехар против подобриот меѓу Франција и Мароко.

Магијата на Меси и уверливиот настап на избраниците на Скалони на линкот:

https://www.fifa.com/fifaplus/en/watch/5t0hwOhuPS6LKAJD33IQym