Деветтиот пакет санкции усвоен од ЕУ ќе ја ограничи работата на рафинеријата „Лукоил“ – Нефтохим Бургас во Бугарија.

БНР објави дека поради новите санкции, бугарската рафинерија „Лукоил“ ќе ја задржи можноста да продава нафтени деривати, но само на – Украина.

Иако може да увезува руска нафта по море и нафтоводи до крајот на 2024 година, Бугарија не може да продава нафтени продукти добиени од неа на купувачи во други земји-членки на ЕУ или во трети земји, пренесува БНР.

Меѓу производите што може да се извезат во Украина – и само до одредени количини – се гасното масло, лесните масла и препарати, минералниот терпентин, авијацискиот бензин, керозин за млазни мотори, друг керозин, тешките масла, нафтените масла, тешките горива.

Од 5 февруари, бугарските власти можат да дозволат извоз доколку сметаат дека производите се наменети само за употреба во Украина или дека продажбата, снабдувањето, трансферот или извозот не се насочени кон заобиколување на санкциите.

Бугарија е должна да ги извести другите земји-членки и Европската комисија во рок од две недели од давањето на дозволата.