Заменик-претседателката на СДСМ и директорка на УЈП, Сања Лукаревска, во своето гостување во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, зборувајќи за лидерската средба што ја бара ВМРО-ДПМНЕ, рече дека СДСМ нема ништо против доколку се зборува за теми во интерес за граѓаните, а не за одржување предвремени парламентарни избори.
„Да има лидерска средба за конкретни работи кои ќе бидат од добробит за граѓаните. Мицкоски бара лидерска средба за предвремени избори. Сега ние се справуваме со ковид-криза која не е за занемарување, имаме безбедносна криза, енергетска криза и, на крај на краишта во ваква состојба не е патриотски и хумано да се бараат избори“,рече Лукаревска.
За наводите на опозицијата дека СДСМ катастрофално владее и затоа треба итно да си замине од власт, Лукаревска вели дека тоа е нормално да го зборува опозицијата, но вели дека најдобро ќе биде изборите да се одржат во 2024 година.
„Право на опозицијата е да зборува со ваков речник, но треба да се дискутира на многу посензитивни теми, а не да собираме евтини политички поени. Треба да им се даде шанса и на новите градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ да видиме како ќе се претстават, па потоа да имаме мегдан за да може да дискутираме. Ние сме колку увреме на власт, па еве сега локалната власт пред се е на ВМРО-ДПМБЕ, па тогаш во 2024 година ќе имаме плодна почва за да можеме да одиме на редовни парламентарни избори“,додаде Лукаревска.
За забелешката од ВМРО-ДПМНЕ дека како ретко кога нема никакви канали на комуникација меѓу власта и опозицијата, таа истакна дека пратеничките групи во Собранието секојдневно се во комуникација, а дека и таа и другите членови на СДСМ покажуваат почит кон своите колеги од опозицијата кога ќе се сретнат.