Новите, повисоки цени, како на брза лента пристигнаа во супермаркетите. Се најавува ново поскапување на сирењето, кашкавалот, јогуртот. Минатата недела зголемувањето од 30 денари денеска се дополни со плус 15 денари на цените на млечните производи, потврдуваат за „Експрес.мк“ неколку продавници кои добиле нови артикли.

Според дел од трговците, кои биле приморани да ги покачат цените, поскапувањето на млечните производи ќе изнесуваат од 5 до 30 денари на секој млечен производ, без разлика за што станува збор. Освен ова основно поскапување, на новата цена на производите ќе се додаде и маржата која од 1 јули годинава веќе не е замрзната, но и ДДВ-то од 5 проценти.

Последни во низата се јогуртот кој до сега одеше по цена од 80 денари, а отсега ќе чини околу 90 денари. Кравјиот кашкавал кој досега чинеше околу 500 денари сега ќе чини до 600 денари. Еден килограм овчи кашкавал ќе се продава за околу 900 денари, мешаниот за околу 700 денари, кравјото сирење ќе добие цена околу 400 денари, овчото сирење ќе се продава за повеќе од 500 денари.

  • Периодов најмногу се продава урдата поради тоа што е најевтина. Ја купуваат луѓе наместо сирење и кашкавал. Сега пред некој ден шефовите нѐ информираа дека пристигнале нови ценовници за млечните производи, па деновиве ќе си имаме прилично многу работа за да ги промениме цените на рафтовите, но и во компјутерскиот систем. И сега очекуваме дополнително да се намали продажбата на млечните производи, бидејќи поскапувањето на некои производи изнесува и 30 денари, велат трговците.