Лога за убиството на Вања: Смртна казна би била спас за тие монструми!

Министерот за правда, Кренар Лога, смета дека лицата кои стојат зад киднапирањето и убиството на Вања треба „доживотно да лежат во затвор, односно дека смртна казна би била спас за нив.

„И јас сум гневен како и сите граѓани на оваа држава. Уставот ја забранува смртната казна а исто така ние имаме усвоено и протоколи и други конвенции каде се забранува смртната казна.

Јас сум меѓу тие граѓани во оваа држава кои мислат дека смртната казна би била спас за тие монструми и сум на таа страна тие да ја доживуваат до крајот на својот живот во нивната свест за тоа што имаат направено и секој ден да ја доживуваат се потешко за овој настан.

Доживотна казна затвор е најмала казна што треба да ја изречат нашите институции“ вели министерот Лога.

Министерот на својот Фејсбук профил изрази сочуство до семејствата на Вања како и на Панче Жежовски. 

„Искрено и најдлабоко сочуство до семејствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Ова е една од најголемите трагедии во нашата држава затоа што безмилосно се одземени два живота. Одговорност и максимални казни за сторителите“, напиша тој.