Љоровски-Вамваковски: Како се генерира грчкиот национализам

Историчарот Димитар Љоровски Вамвакоски во текст под наслов “ОКОЛУ ПОСЛЕДНИОТ НАЦИОНАЛИСТИЧКИ ИЗБЛИВ ВО ГРЧКОТО ОПШТЕСТВО И МОЖНИТЕ ПЕРСПЕКТИВИ”, објаснува зошто има зголемување на грчкиот национализам особено кон Македонија.

Според мислењето на Ерик Хобсбаум, нациите претставуваат двоен феномен, главно конструиран одозгора (преку официјалните институции и идеологии на државите), но кој не може да биде разбран, ако не се анализира одоздола, (од основата) (…).

Оттука, во случајот со Грција, државата преку нејзините официјални и полуофицијални институции и разни групации се оние кои го генерираат националното мобилизирање во грчкото општество.

До одреден степен слабото експлоатирање на грчко-македонскиот спор во грчката држава во периодот после Букурешкиот самит на НАТО (2008), внатрешно-политички превирања во грчкото општество, останатите отворени прашања на официјална Атина со нејзините соседи, како и геополитичката консталација во Источниот Медитеран, кај одредени фактори во Р.

Македонија создаде перцепција дека можеби токму сега се создадени условите за решавање на ова повеќедецениско прашање.

Исто така, во овој контекст, не треба да се заборави и последната економска криза во Грција, преку која се мислеше дека дополнително би го намалил националистичкиот сентимент кај грчките граѓани, но не треба да се заборави дека токму „во моменти на економска криза националната консолидација е алтернатива за одржување на единството и редот во општеството“.

Сепак, гореспоменатите фактори во најголем степен немаа влијание врз можното, делумно, амортизирање на последниот националистички изблик кај најголем дел од грчката нација. Суштинскиот проблем всушност е историската константност во поимањето на есенцијата на т.н. македонско прашањето од страна на грчките граѓани и политички елити.

Односно, за да очекуваме позитивистички пристап во перспектива потребно е модернизација „одозгоре“ (на грчката држава и нејзината национална идеологија) во однос на целокупниот корпус отворени прашања меѓу двете нации.

Тоа подразбира промена во воспоставениот национален мит и преземање иницијативи преку институциите на државата (образование, Црква, култура, медиуми, војска, наука, итн.) за промена на свеста во грчката јавност околу дел од прашањата инхерентно поврзани со овој спор.