Литовски: Рацин е поет-првоборец на македонскиот идентитет – Македонците мора да го бранат од нападите од бугароманијаците

„Бидејќи фашизмот е во подем насекаде, нашите македонски фашисти и одроденици ќе се обидуваат да го демонизираат Рацин и да го уништат неговиот дух, оти тој е спротивен на духот на големобугаризмот во Македонија.“ – вели д-р Александар Литовски, универзитетски професор од Институтот за национална историја, во својата колумна со наслов „Рацин“, која ја објави весникот „Слободен печат“.

Покрај другото, Литовски пишува: Денес се води широка битка против Рацин, поет, филозоф и интелектуалец, комунист, револуционер и првоборец на македонската национална посебност, инспирирана и помагана од антимакедонските врховистички и балистички кругови. Тоа е битка против македонизмот. Рацин е експонент на сето ова денес непожелно и напаѓано идеолошко, национално и културно наследство. Се чини дека не е далеку денот кога со Рацин, како и со Конески, Јаневски, Мито Хаџи Василев, Васил Тоциновски, Иван Катарџиев, Димитар Митрев…, со сите такви македонисти, „удбаши“, „србокомунисти“, антикапиталисти, корифеи на македонизмот, дефинитивно ќе тргне во пресметка агресивната македоно-бугарска орда одроденици што заседнале низ државните институции, политичките партии, новинарските редакции и професорските кабинети. Во новата античовечка епоха оваа македонска прокомунистичка и промакедонска елита ќе биде испратена во одделот кој се нарекува – непосакувана табуизирана македонска историја.

Tоа е процес, што го почнаа врховистите уште во деведесеттите години на минатиот век кога бараа „џуџиња“ меѓу македонистите и секојдневно нè малтретираа со наводната потреба од „препрочитување на македонската историја“ и нејзино усогласување со големобугарскиот и големоалбанскиот историографско-националистички поглед. Во политичко-партискиот и врховистичкиот бугаро-македонски свет „Белите мугри“ на Рацин се „цвеќето на злото“ и нешто што врши „отровно, штетно и неприфатливо влијание врз нашата колективна психа“, како што запиша, не така одамна, една врховистичка личност, кој е дел од македоно-бугарското новинарство и интелектуална проститутка на тајкуните и националшовинистите.

Можна е и таква национална изопаченост, во која Рацин ќе биде оцрнуван, но тоа е општ напад против Македонците и нивната национална посебност. Сега може да се види и да се сфати колку тие напади се исти со нападите врз македонизмот и македонскиот национален идентитет од страна на големобугарските, официјални државни и неофицијални националистички, кругови. Да се зборува за Рацин злонамерно е антимакедонски чин. Може да се очекува таквите „внатрешни“ напади, засилено и „надградено“ да продолжат, со помош на спонзорите од дома, од исток и од запад.

Рациновата оставнина беше и ќе биде на удар, поради својата македонистичка определба, но и поради својата социјално-комунистичка тематика. Ниту еден дел од творештвото на Рацин не е спојлив со идеологијата и праксата на денешните неолиберални и македоно-бугарски ревизионисти. Наследниците на бугаро-егзархискиот корпус во Македонија не можат да му простат на Рацин за неговите класно-социјални ставови, ниту за неговите стихови на македонски јазик, ниту за неговата борба за посебна македонска национална култура, која овие експоненти на бугаризмот ја сфаќаат како антибугарска борба.

Рацин кој стои на барикадата на пролетеријатот и македонството, што тие бугароманијаци го сметаат како југословенство, е културно-национална величина, која мора да биде соборена, искршена на парчиња и закопана колку е можно подлабоко под земја. Кај овие бугарски националшовинисти и македоно-бугарски врховисти, чии предци и идеи беа поразени во четириесет и петтата година, постои страв од духот на Рацин и неговата „штетна поезија“. Рацин беше Македонец кој знаеше дека има посебна национална индивидуалност и дека е сè минливо, освен зборовите и напишаното на мајчиниот македонски јазик. На Рацин му беше јасно дека, ако поради антимакедонските пропаганди запре македонската реч, ако поради виорењето на воено-фашистичките бајраци, нема повеќе да може да се видат македонската вистина и правда, тогаш сè македонско ќе исчезне во чадот на минливоста.

Несфатливо и неприфатливо е да се уништува Рацин, од македонска и политичко-хуманистичка точка на мислење и дејствување. Должност е на сите македонисти, на сите вистински Македонци, на сите чесни и лојални македонски државјани да застанат во одбрана на Рацин и на неговите соидејници, сочувственици и соборци, од фашизоидните и антимакедонски напади. И денес, и во иднина! Оти, тоа не е одбрана само на Рацин, туку е одбрана на Македонија и Македонците, на правдата и вистината. Треба искоренување на врховистите, балистите, фашистите, треба вадење преку брутална „операција“ на сите заболени делови од националното и државното ткиво.

Никогаш нема да биде доволно споменувањето на барем еден дел од „Пофалното слово за Рацин“ на Георги Старделов: „…Тој е тука во нас и колку повеќе одминува времето толку повеќе расте и се извишува тој и неговата поезија како златоврв, толку тие стануваат севременски, вековити и трансвековни. Тоа етака зашто во нив сме збрани сите, сета наша Татковина… станува збор за името на нашата душа, која никаков ѓавол не може да ни ја открадне“.