Фудбалерите на Шкупи го добија најатрактивниот противник меѓу четирите македонски претставници во еврокуповите – шкотски Глазгов ренџерс со легендата на англискиот фудбал Стивен Џерард на клупата!

Токму против Шкупи и ќе дебитира Џерард како менаџер на Ренџерс, за кој потпиша четиригодишен договор, во првиот меѓусебен дуел со македонскиот прволигаш на 12 јули на „Иброкс“ во Глазгов. Реваншот од првото квалификациско коло за Лига Европа е седум дена подоцна во Скопје.

Вардар за ривал го доби Пјуник од Ереван, на македонската спортска јавност познат како противник на прилепска Победа во 2004 година, кога ја елиминира, а таа подоцна беше казнета од УЕФА со осумгодишна суспензија поради лажирање. Првата средба ќе се одигра на 12 јули во Ереван, а возвратната седум дена потоа во Скопје.

Работнички го доби најтешкиот опонент во ЛЕ, унгарски Хонвед, кому прво ќе му гостува на 12 јули во Будимпешта, а потоа ќе го пречека на 19 јули.

Шкендија, пак, имаше најдобра ждрепка, добивајќи го Њу сајантс од Велс.