Лидерот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари искажа сомнеж во врска со проектот за коридорот 8, нагласувајќи во емисијата „Клик Плус“ на ТВ 21 дека не му е јасно зошто овој договор со „Бехтел и Енка“ се уште се држи во тајност и зошто не се претставува пред пратениците во Собранието.

ТВ 21 пишува: Во врска со коридорот 8 Таравари кажа дека Владата губи, наместо да добие, поради тоа што го крие договорот. „Коридорот 8 е стратегиски проект за Македонија. Владата требаше да поентира, и имам впечаток дека е во дефанзива и како да губи. Не знам зошто се крие? И да е се во ред, ако нешто криеш, тогаш остава сомнеж.“ – напомна лидерот на Алијансата за Албанците Таравари.

„Сè уште не ми е јасно: зошто овој проект не е транспарентен? Не сум пишман за овој проект, дури и да бевме во опозиција ќе гласавме за него. Но, пратениците и граѓаните треба да бидат информирани за него, бидејќи тоа се пари на граѓаните. Од друга страна, има политичари, кои не го сакаат коридорот 8 и даваат се од себе овој проект да се запре.“ – нагласи Таравари во „Клик Плус“ на ТВ 21.