Состанок посветен на Планот за раст за Западен Балкан, усвоен од Европската Комисија ќе одржат денеска лидерите од земјите од регионот во Скопје.

Најавено е учество на претседателот на Србија Александар Вучиќ, премиерот на Албанија Еди Рама, премиерот на Косово Албин Курти и премиерот на Црна Гора Милојко Спајиќ, а видеообраќање ќе има и Борјана Кришто, претседавач со Советот на министри на Босна и Херцеговина.

На состанокот ќе присуствуваат и помошник-државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Џејмс О’Брајан, и генералниот директор за соседство и преговори за проширување во ЕК, Герт Јан Копман.

Поголем дел од учесниците веќе се во Скопје и синоќа (21 јануари) имаа и неформална средба, на која покрај домаќинот – премиерот Димитар Ковачевски, присуствуваа и претседателот Стево Пендаровски, првиот вицепремиер Артан Груби и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Планот за раст на Западен Балкан, на кој е посветен состанокот во Скопје, Брисел го презентираше на 8 ноември 2023 година заедно со извештаите за напредокот на земјите. Тој се однесува на периодот од 2024 до 2027 година, а содржи шест милијарди евра за шесте земји од Западен Балкан – две како неповратни средства, а четири милијарди како поволни заеми.

Меѓу целите на планот е создавање единствен регионален пазар и пристап до пазарот на ЕУ, удвојување на економиите и намалување на социоекономскиот јаз помеѓу државите од регионот и членките на Унијата.

Учесниците на денешниот состанок синоќа беа на заедничка вечера во винаријата „Камник“.