Одлуката дали ќе присуствува на претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел ќе ја соопшти српскиот претседател Александар Вучиќ денеска напладне заедно со премиерите на Албанија и Северна Македонија – Еди Рама и Димитар Ковачевски.

„Разговаравме и за следната средба, на која ќе разгледаме бројни прашања од интерес за нашите граѓани. Заедно се бориме за јасна перспектива на Западен Балкан, уште посилна соработка и подобри врски“, изјави вчера Вучиќ.

Македонската влада сериозно размислува да не присуствува на средбата поради третманот што Брисел го има кон нашата земја, како и поради ветото на Бугарија.

Белград и Тирана се подготвени да се солидаризираат со Македонија по ова прашање.

Ковачевски вчера рече дека со Вучиќ и Рама разговарал за националните ставови на секоја од земјите, за регионалните перспективи, како и за динамиката на евроинтегративниот процес. Покрената е иницијатива и за Агенцијата за привлекување инвестиции за „Отворен Балкан“, која ќе овозможи дополнителен економски развој на регионот.

Намерата на ЕУ експресно, спротивно на сите правила и преку ред, да и додели кандидатски статус на Украина, додека балканските земји повторно да останат во заден план, е еден вид шлаканица за земјите од регионот кои се во бриселската чекална со децении.

Како што сега стојат работите, Албанија и Македонија нема да добијат „зелено светло“ за почеток на преговори со ЕУ, а Босна и Херцеговина и по шест години чекање – кандидатски статус.