Во оваа година, стота од раѓањето на Блаже Конески, и особено во овој месец декември, устите на многу политичари, на многу припадници на македонската интелигенција, се полни со името на Блаже: „Конески – гение, Конески – гигант, Конески – визионер, кодификатор на македонскиот јазик, врвен поет…“. Се е тоа точно и не би било во ред да не му се одава должната почит и признание на овој човек, но би сакал да поставам и едно прашање од поинаков агол на размислување: дали нашите чествувања на Блаже Конески, поправо, во една позначителна мера претставуваат колективно лицемерење кон овој голем Македонец?! Зошто ние не ги браниме неговото дело и завештание – македонскиот јазик, зошто не го браниме своето македонско „јас“?! Оваа социолингвистичка реалност во Македонија, инсталирана во 2018 година со потпишувањето на „Преспанскиот договор“ со Грција и на „Договорот за добрососедство“ со  Бугарија, веќе три години се обидува целосно да ги поништи делото и јазичната оставнина на великанот од Небрегово, неговото животно и научно завештание кон сегашните и идните поколенија на македонскиот народ.

Конески беше еден од основачите на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет на УКИМ во 1945 година. По инсистирање на Конески таа катедра набргу по своето основање започнала со активностите и за широко меѓународно афирмирање и изучување на македонскиот јазик. Конески во тие историски мигови има нагласено: „…од 1950 година … решивме да стапиме во контакт со светот, мислам на славистиката. Меѓу првите беше Реџиналд Де Бреј, тогаш професор од Лондон… тој го вклучи македонскиот јазик во својот учебник за словенските јазици, кој што стана стандарден за англоамериканските универзитети. … Хораст Лант, професор на Харвардскиот универзитет … собираше материјал за својата Граматика на македонскиот литературен јазик. Наскоро таа излезе.“ Но, „добрососедските договори“ со Грција и Бугарија настојуваат да ја елиминираат меѓународната признатост и афирмираност на македонскиот јазик. Во неодамнешните активности да се надмине евроблокадата на Бугарија, крената поради македонскиот јазик, Ана Закаријаш, државната секретарка на Португалија, ЕУ-членка, го употреби изразот „северномакедонски јазик“. „Северномакедонскиот јазик“ се споменува зачестено и во раширената пракса во комуникацијата меѓу државите и во меѓународните форуми и организации.

Во нормалниот свет секој јазик се именува онака како што се нарекува и народот, кој го говори односниот јазик: Французите го именуваат својот јазик како француски, Германците како германски, Англичаните како англиски јазик… Но, со „Преспанскиот договор“ трилјадилетната идентификациска одредница „македонски“ им е одземена на Mакедонците и им е „подарена“ на Грците. Неспорно е дека меѓународната афирмираност на македонскиот јазик останува се уште широко признат неспорен факт, но таа позиција изгледа постапно започнува да еродира под влијание на споменатите „добрососедски договори“. Политичка Европа, Европската Унија, „мижи“ пред научна Европа. Оваа ЕУ и сега речиси не прикрива дека стои на страната на ставовите на Бугарија против македонската етничка и јазична засебност и против автентичната македонска историја.

„Бидете на штрек, Македонци!“

Со исклучок на поретки јазичари – македонисти, на некои интелектуалци и на неколкумина академици од Македонската академија на науки и уметности, што сторија во изминативе три години македонската наука и интелигенција да се спротивстават на овој погубен тренд? Пишуваат ли научни писма до институциите на ЕУ, до светските медиуми, колку за тоа создаваат научни трудови, насочени кон промена на ситуацијата, и колку дебатираат на домашните и меѓународните научни конференции? А што (не) сторија актуелните македонски квазиполитичари да се спротивстават на преименувањето на македонскиот јазик, на напорите тој да се избрише како жив и развиен јазик од светската мапа на јазици? Ама, како да се очекува од нив да се спротивстават на она што е нивна „рожба“?!

„Бидете на штрек, Македонци!“ – повика академик Конески седум години пред својата смрт, предупредувајќи дека многумина сѐ уште посакуваат македонскиот народ да биде само објект, а не и историски субјект, оти се засилува спроведувањето на проектот за уништување на македонскиот јазик, на македонскиот национален идентитет и македонската држава. Во оваа смисла, во еден свој текст од јуни 1986 година Kонески пишува: „Оние што ја негираат македонската национална индивидуалност сакаат да создадат впечаток дека македонскиот литературен јазик нема свои историски корени и оти е само продукт на некаква политичка комбинаторика. Послушајте, Македонци! Бидете на штрек пред таквите ‘правни’ диверзии, од каде и да идат! За нас, повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува, со се` што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина. Тој е, заправо, единствената наша комплетна татковина. Се‘ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината.“

Четири години подоцна, значи три години пред смртта во 1993 година, Kонески повторно ќе ја истакне важноста на македонскиот јазик за македонскиот народ, каде и да живее. Во разговорот со Радмила Трифуновска, воден во април 1990 година, на прашањето за нападите на македонскиот јазик од Атина преку брошурата на А.Е. Папагеоргиу со наслов „Таканареченото македонско прашање“, Конески нагласува дека главниот удар е ударот врз јазикот, оти тоа „не е прв напад врз нашиот јазик со цел меѓу неупатените во светот да се рашири заблудата дека тој е измислен прекуноќ, како да не се работи за процес со длабоки корени во минатото и за една долга јазикотворечка традиција“. Тие корени во минатото на македонскиот јазик се стремат да му ги сосечат и „Преспанскиот договор“ и „Договорот за добрососедство“ со Бугарија. „Преспанскиот договор“ се обидува на македонскиот народ да му ги одземе културно – историското наследство и исконското постоење на македонскиот јазик, спротивно на ставот на Конески за „длабоките корени во минатото“ и за „долгата јазикотворечка традиција“.

„Генерацијата на сонцељубивите“ против „северната“ социолингвистичка реалност

Собранието на МАНУ во декември во 2019 година ја донесе својата „Повелба за македонскиот јазик“, во која е запишано: „Македонскиот јазик има многувековен континуитет и претставува конститутивен елемент на македонскиот етнокултурен и национален идентитет. Историски, иако македонскиот јазик се карактеризира со доцна стандардизација, неговиот континуитет е неспорен, бидејќи преку непрестајната писмена и усна традиција, која е длабоко вградена во богатството на македонските дијалекти, тој опстанувал и еволуирал.“ „Официјалниот јазик во Република северна Македонија е писмено-регионална норма на бугарскиот јазик.“ – реплицираше Бугарската академија на науките на „Повелбата“ на МАНУ. На 7 мај 2020 година беше промовирано најновото издание на БАН со наслов „За официјалниот јазик на Република северна Македония“. На тоа издание реагираше Институтот за македонски јазик со својата  “Вистина и факти за македонскиот јазик“, во која нагласи: „Главните тези на оваа книшка претставуваат официјален став на бугарската лингвистичка наука за наводното ‘непостоење’ на македонскиот јазик, кој е побиен повеќепати со научни аргументи. Се промовира и ново име на македонскиот јазик, а тоа е ‘северномакедонски бугарски јазик’. Македонците не можат да се чувствуваат како Бугари, ниту да го сметаат бугарскиот јазик како мајчин.“ Во трите години на оваа социолингвистичка реалност, во која е присилен да живее Македонецот, ова е, главно, единственото на колективно рамниште, кое што го „нарушува“ „громогласниот молк“ на македонската наука и интелигенција. Македонската политика ја изоставаме, оти таа нема сторено нешто во овој контест, што би било соодветно на автентичните македонски национални интереси, во духот и на заложбите на Конески.

Означувајќи го Конески како „национален мислител од највисок формат, кој твори и се бори за Македонија како клучен стратег на нејзината автономна суштина“, Гане Тодоровски го наредува Конески „во поворката на сонцељубивите Македонци, веднаш покрај Миладиновци, Прличев, Мисирков, Рацин.’ и ги цитира зборовите од статијата „Една ситуација и едно лично становиште“ (диктирана на акад. Зузана Тополињска кратко време пред неговата смрт): „Ние, мојата генерација, тргнавме во животот посветени на македонската идejа, готови да й служиме како на нешто свето и светло, загрижени за судбината на својот народ.“ Овој народ македонски му останува многу должен на својот национален мислител, а јас аргументирано ќе кажам и на својот преродбеник Конески: не само декларативно да го чествува, туку да започне и конкретно да се бори против обидите да се уништи неговото дело и завештание – да се чува јазикот македонски, да се чува својата „единствена идеална татковина“. Крајно време е од пазувите на овој народ со древни традиции, кои сакаат да му ги приграбат „добрите соседи“, час поскоро да се извишат и други „сонцељубиви Македонци“, коишто ќе ја испратат „северната социолингвистичка реалност“ на ѓубриштето на историјата.

(Оваа колумна е приспособен текст од научниот труд – реферат на нејзиниот автор, претставен на VI научна конференција на Институтот за македонски јазик, одржана на 18.октомври 2021 година во Крани)

Свето Тоевски