ЛГБТИ-активистот Кочо контра паралелниот марш на „Парада на гордоста“

Долгогодишниот активист за правата на ЛГБТИ-популацијата, Кочо Андоновски, смета дека најавениот паралелен марш на првата „Парада на гордоста“ во Македонија в сабота е насочен кон заплашување и обесхрабрување на луѓето да присуствуваат на нивниот настан, „но нема да успеат“.

„Очигледно е дека тие сакаат да понижуваат, да клеветат и да шират омраза. Ние немаме ништо со тоа. Имаме ‘Скопје прајд’ и ќе го одржиме маршот како што треба. Се надеваме дека нема да има провокации, ниту контакт со контрапротестантите“, изјави Андоновски како еден од организаторите на „Парада на гордоста“ за Балканска истражувачка мрежа (БИРН).

Стартот на „Парада на гордоста“ е закажан за в сабота напладне во паркот спроти Собрание и минувајќи по улиците низ центарот на градот ќе заврши во Градски парк. Организатор е Национална мрежа за борба против хомофобија и трансфобија. Присуство најавија министри и пратеници главно од владеачките партии, а ќе се обрати министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Паралелниот марш, пак, го организира Алијанса за живот заради зачувување на „вистинските традиционални семејни вредности и начин на живот“, односно за промоција на „вредностите на бракот, семејството и љубовта“. И овој собир е закажан за в сабота напладне, но пред црквата „Св. Богородица“, а маршот ќе заврши пред Соборен храм „Св. Климент Охридски“, каде што организаторот ќе прочита декларација.