Пратениците од „Левица“ во Собранието на Република Македонија Димитар Апасиев и Борислав Крмов го бојкотираат традиционалното годишно парламентарно обраќање на претседателот на Републиката Стево Пендаровски. Како што соопштуваат од партијата, нивните пратеници „одбиваат да учествуваат во формалистичкиот театар на така наречениот „шеф на државата“.

Оваа партија му забележува на Пендаровски дека ги одмолчил сите националшовинистички испади на нашите балкански соседи и божемни европски партнери, за кои сè почесто во нивните јавни обраќања стануваме „северномакедонски пријатели“.

„Овој ситнодушест буржуј, без ‘рбет и карактер, е безгласна буква во внатрешната и во надворешната политика. Тој не реагира на повампирениот бугарски неоврховизам и на великоалбанскиот сецесионизам, сервилно одмолчувајќи ги секојдневното подигрување со обележјата на македонската нација и негирањето на македонскиот јазик. Затоа тој не го заслужува вниманието на нашите народни пратеници и на пошироката јавност.“ – стои во соопштението, кое го споделува пратеникот Апасиев на Фејсбук.

Во реакцијата се вели дека Пендаровски никогаш не бил и нема да биде вистински прифатен како обединувачки „Татко на нацијата“. „Овој кариерист и империјалистички слуга е обичен приврзок на губитничкиот заевизам и како таков ќе биде запаметен и сместен во гнојарникот на историјата. Тој е застапник на антимакедонската сервилна меѓународна политика, која преку вазалство и национално понижување на Македонците ни ја направи Републиката како протекторат на западните корумпирани елити.“ – се нагласува во соопштението.

„Неговото неминовно заминување од политичката сцена во 2024 година ќе биде катарза за нов почеток во водењето на современа, достоинствена и мултиполарна државничка надворешна политика, креирана од новата генерација храбри македонски акедонски политичари. 🇲🇰Да живее слободна и суверена Република Македонија!“ – завршува во своето соопштение партијата „Левица“.