„Остануваме на трите големи крстосници, а имаме автобуси и за дополнително проширување на блокадите. Остануваме до седнување на маса и изнаоѓање на решение“ изјави денеска директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски.
„Граѓаните треба да знаат дека ние не сме изворот на проблемот, туку е тоа градоначалничката која не водејќи сметка за интересите на граѓаните и интересите на градот.
Постојат одлуки на градот, не може хировите да се прекршуваат врз грбот на граѓаните. Ние престанавме да возиме затоа што сме финансиски исцрпени. Возиме 30 години, ги знаеме и прописите и одлуките. Ниту пак имавме добиено одлука за раскинување на договорите со нас. Еднаш беа повлечени одлуките. Денеска и ‘Слобода превоз’ прими известување за раскинување на договорот“, рече Јовановски.
Според Ленин, Данела Арсовска си презеде многу специфична улога иако, рече, Град Скопје не е нејзина бавча и ќе мора да работи согласно законите.
Јовановски нагласи дека ако целта ѝ беше да ги исцрпи финансиски приватните превозници со цел да ги исфрли од јавниот превоз и да ангажира други субјекти, дека правно тавките нејзини чекори се неодржливи.
„Таков јавен повик е невозможно да се спроведе и е незаконско, конечно станува збор за бахато однесување со кое се нарушува јавниот интерес на градот. Споменувањето на моето име е некоректно, но тоа мене не ме загрижува лично, туку ме загрижува што се оштетени граѓаните, како и приватните превозници“, рече Јовановски.
Тој нагласи дека имаат демократско право на протест, дека не се ниту први, ниту веројатно последни кои протестираат.
„Целта ни е граѓаните да посочат на вистинскиот виновник“, рече Јовановски.
