„Зарем Македонецот не е човек да живее слободно? Зарем Македонецот не е слободен да го дише чистиот воздух, како што се радуваат слободните народи? …. Македонецот не жали зашто ќе умира од куршумите на непријателот и е подготвен да го прави тоа сè до денот на неговото ослободување.“ – овие зборови се дел од писмото на легендарниот македонски војвода на Македонската Револуционерна Организација Апостол Петков Терзиев, кое им го упатил на конзулите во Солун. Во мај 1904 година османлиските власти и дипломатските претставници го отвориле прашањето за разоружување и легализација на активните војводи и комити. Биле испратени писмени повици кон нив, за да се предадат. Апостол Петков, испровоциран од овој потег на дипломатите, се обратил со писмо до солунските конзули, во кое нагласил дека четите нема да се предадат сè додека не бидат спроведени реформи во Македонија.
Денес се навршуваат 154 години од раѓањето на овој македонски револуционер. Тој е роден на 6 мај 1869 година во гевгелиското село Бојмица во областа Бојмија, денес во Егејскиот дел на Македонија. Апостол Петков е еден од највидните дејци на Македонското националноослободително движење и како таков се борел за самостојна Македонска држава. Неговото место и улога во историјата на Македонија било долго време запоставувани. Него македонското население го нарекло „Ениџевардарско сонце“, бидејќи со сета жестокост на својата револуционерна борба го заштитувал од злоделата на турската војска и на грчките андартски чети.
Кога Дамјан Груев во 1897 година ја посетува областа Апостол Петков прв ги прифаќа начелата на Организацијата, а неговата дружина станува прва чета на ТМОРО во Солунскиот вилает. Појавата на револуционерната чета била прифатена со воодушевување од македонското население. Сите во неа гледаа како на херои, спасители од турската тиранија. Првото борбено крштевање на четата на Апостол ја имал во селото Грубевци. Во судирот со турскиот аскер, кој одел од Солун кон Гуменџе, Турците биле разбиени и протерани без загуби во четата. Апостол се прославува како заштитник на народот. Во текот на Илинденското востание Апостол Петков водел неколку борби, од кои најголема била борбата на 12 септември 1903 на планината Пајак. Здружените чети од 100 души на чело со Апостол Петков и Иван Карасулијата го зазеле стратегискиот врв Гандач. Во судир со 1200 турски војници од гарнизоните во Гевгелија и Гуменџе, македонските востаници без поголеми загуби успеале да го пробијат обрачот. Во оваа битка турската војска имала тешки загуби.
По Илинденското востание грчката пропаганда ја променила тактиката кон Македонија и започнала да испраќа чети, кои со силата на оружјето и со неформална поддршка од турските власти го присилувале населението да се изјаснува во прилог на елинизмот. Поради геостратегиската положба на Ениџевардарскиот регион, Апостол претставувал сериозна пречка за пробивот на грчките чети кон централна Македонија. Затоа грчкиот конзул од Солун летото во 1904 година се обидел да го поткупи Апостол Петков за грчката кауза, ветувајќи му пари и оружје. Апостол не само што ја одбил понудата, туку станал најголем непријател за грчките чети и агитатори. Покрај судирите со османлиските потери, Апостол жестоко се пресметувал и со претставниците на грчката пропаганда.
Во 1906 година четите на Апостол водат борби со грчките андартски чети. Во една од овие борби андартскиот капетан Аграс е фатен и обесен крај селото Владово. Апостол Петков беше страв и трепет за грчките андарти. Никој не можеше да го фати дури и да го сретне. Скриен во мочуриштето на Ениџевардарското езеро, тој ги прогонуваше и Грците и Турците. Писателката Пинелопи Делта во својот роман „Тајните на мочуриштето“ ја признава грчката немоќ да се справи со македонскиот револуционер. Таа напишала дека Апостол бил „невидливиот демон кој се чувствува насекаде, но не се гледа никаде.“
Турската власт заедно со Грците безуспешно се обидуваат да го ликвидираат војводата Апостол. Турските власти со мито се обидуваат да го натераат да се откаже од револуционерните активности, а грчкиот конзул во Солун Ламброс Коромилас се обидува да го привлече на грчка страна. Грците и Турците исплашени од дејствувањето на Апостол ги преувеличуваат неговите активности. Неговата слава растела од ден на ден, а приказната за страшниот уривач на Турската империја дошла и до ушите на самиот султан Абдул Хамид II, кој понудил 20.000 фунти да се откаже од борбата.
Привлечен од приказните, во 1906 година американскиот новинар Алберт Сониксен заедно со воденскиот војвода Лука Иванов ќе го посети војводата Апостол во неговото живеалиште и скривалиште во Ениџевардарското езеро. Од оваа посета ќе произлезе книгата „Исповедта на еден македонски четник“. Опишувајќи го војводата Апостол Петков, американскиот новинар Сониксон ќе напише: „Неговите портрети висеа по сите крчми. Апостол беше македонски Робин Худ. Тринаесет години носеше оружје. Уште пред Дамјан Груев да го организира прочуениот Централен Комитет, Апостол беше крстосувал низ планините. Тој беше од оние фантастични херои, кои се јавуваат меѓу потиснатите народи во сите периоди низ историјата и чии подвизи се пеат од народите.“
По прогласувањето на Османлиското Царство од апсолутистичка во уставна монархија, Апостол Петков со својата чета влегол во Ениџе Вардар, каде за кратко го суспендирал кајмакамот и ја зел власта во градот. По интервенција на Младотурскиот комитет од Солун и на поединци од Внатрешната организација, Апостол се откажал од намерата да „владее со Ениџевардарската каза“ и заминал за Солун. Бранислав Нушиќ за заминувањето на Апостол за Солун соопштува: „Денес од Ениџе Вардар ќе стигне војводата Апостол. Тој му порачал на Младотурскиот комитет за него и за неговата чета да испратат коњи, па денес свечено на коњ да влезе во Солун“. Грчкиот весник „Емброс“ за заминувањето на Апостол за Солун пишува: „За капетанот Апостол пренесуваат дека слегува во Солун за да седне на престолот и да управува со Македонија. При неговото заминување за Солун тој навистина побарал за неговиот прием, освен коњи да има и артилерија“.
Во 1907 година притисокот на грчките андарти и турската војска во Ениџевардарско станува неподнеслива и Апостол е принуден да ја напушти областа. На 2 август 1911 година тој и војводите Георги Мучитанов Касапчето и Васил Пуфки загинале во ениџевардарското село Крушари (денес Абелиес, Грција). За убиството на Апостол Петков постојат разни варијанти и претпоставки, а најчесто како предавник се споменува неговиот близок соработник Тодор Чифтев. Историската наука се’ уште не може да даде конечен одговор за мотивот за оваа убиство.
Подготвил: Свето Тоевски, врз основа на статии на „Македонска нација“, историскиот портал „Македонија е се“ и други историографски извори.