Руските комичари Вован и Лексус повторно нападнаа, овој пат задевајќи го канадскиот премиер Џастин Трудо во телефонски повик за време на кој тој верувал дека разговара со активистката за климатски промени Грета Тунберг, пренесува МКД.МК

Владимир Кузњецов и Алексеј Столјаров, кои себеси се нарекуваат Вован и Лексус, оваа недела објавија снимка од телефонскиот повик во која го советуваат Трудо за светската политика и бараат шанса да запознаат некои од ликовите од Саут Парк – и токму во тој момент биваат откриени.
За време на 10-минутниот повик, трето лице – кое ја глуми тинејџерката климатска активистка – му вели на Трудо дека е загрижена за „растечката меѓународна криза и исчекувањето светска војна“.
„Тоа веќе води кон катастрофа“, вели лажната Грета. „Многу е страшно“, на што Трудо одговара: „Да, навистина“.
Повикот бил остварен во јануари, неколку дена откако иранската влада собори украински патнички авион, убивајќи ги 176-те лица во авионот.
„Вие сте возрасни, но се однесувате како деца”, вели таа. „Можеме да создадеме свет каде што има место за секого. За белите и црните. За христијаните и муслиманите. За Трамп и за Путин. За вас и за мене. За Борис Џонсон. За Корбин. За Теренс и Филип, кои се познати и во вашата земја“.
Последните две имиња се однесуваат на канадски ликови од серијата Саут Парк.
Завесата конечно паѓа кога таа повторно го прашува за Теренс и Филип:
„Чекај, Теренс и Филип, нели тие беа во Саут Парк?“, прашува тој. „Јас не ги познавам лично. Верувам дека тие се пародија на Канаѓани во Саут Парк“, вели тој и учтиво го завршува разговорот. МКД.МК