Лани потрошени фантастични 2,1 милијарда за енергенси, владата крие како се потрошени парите за енергетската криза

Фото: pari.com.mk

Македонија, односно приватниот сектор т.е фирмите и населението и во помал дел државата, платиле фантастични 2.141 милион евра за увоз на енергенси и електрична енергија или околу 16,6% од бруто домашниот производ (БДП) во 2022 година, што е речиси двојно поголемо зафаќање на БДП од 2021 година (8,8%).

Ова го објавува екс вицегувернерката на Народната Банка на РМ Маја Кадиевска Војновиќ во најновата анализа за порталот pari.com.mk.

,,Поконкретно, Македонија плати 1.134 милиони евра за увоз на нафтени деривати, 579 милиони евра за увоз на електрична енергија, 380 милиони евра за увоз на гас и 48 милиони евра за увоз на јаглен, кокс и брикети. Нафта и гас немаме, моравме да узвеземе, но струја можевме домашно да произведеме. Оваа голема сума на пари на фирмите и на населението се одлеа од домашната економија”, пишува Кадиевска Војновиќ поставувајќи го прашањето колку платила државата за енергетската криза.

Таа инсистира дека Владата треба да даде отчет за потрошените.

,,Секоја одговорна влада ќе ги извести граѓаните каде ги потрошила нивните пари. Но веќе сме март 2023 година, а отчет нема”, пишува Кадиевска Војновиќ.

,,Она што се знае од податоците е дека од буџетот во 2022 година се префрлени 230 милиони евра на ЕСМ, од кои 97 милиони евра се пријавени како капитални инвестиции. Останува да видиме кои се тие капитални инвестиции, зошто кога тогаш, треба да ги осетиме придобивките од истите. Остатокот од средствата кои беа префрлени или 56 милиони евра се за снабдување со топлинска енергија (веројатно за набавки на гасот) и 78 милиони евра веројатно за набавка на јаглен, мазут, но и за субвениционирање на дел од сметките за струја на домаќинствата (и за мал дел од фирмите). Но, тука симптоматично е што делот којшто се субвенционираше се намали.

Зошто?

Затоа што зголемениот трошок за производство на струјата (или за увозот) државата полека и суптилно го пренесе врз сметките за струја на домаќинствата. Ја зголемија цената на струјата за домаќинствата користејќи метод на price discrimination или познато кај нас како тарифирање во категории. Затоа и имаме просечен годишен раст на цената на електричната енергија од 14,8% во 2022 година, пишува екс вицегувернерката Кадиевска Војновиќ во анализата која целосно може да ја прочитате на pari.com.mk.