Загубите во електродистрибутивната мрежа на електрична енергија лани ги чинеле граѓаните точно 100 милиони евра, а една од причините е и крадењето струја со компјутери „мајнери“ кои го оптоваруваат системот заради копањето криптовалути.
Анализата покажува дека три години по ред процентот на загубите на електрична енергија во мрежата, кои се должат на кражби на струја и неовластено користење, не може да се намали под 13,4 отсто иако редовно се прават планови како оваа појава да се редуцира.
Операторот на електродистрибутивниот систем – ЕВН Електродистрибуција, согласно своите обврски, заради покривање на загубите, во 2021 од трговци и снабдувачи набавил 916.381,6 мегавати по просечна цена од 6.607 денари, покажува извештајот на Регулаторната комисија за енергетика.
Во однос на една година претходно, зголемено е количеството на загуби за речиси 59.000 мегавати, а згора на тоа, просечната цена за покривање во 2020 била речиси двојно поевтина – 3.330 денари. Тогаш сме платиле 47 милиони евра за загуби, а само една година подоцна повеќе од двојно.
Неовластеното користење на електрична енергија се случува поради различни причини, а истото важи и за загубите. Како најголеми причинители може да се набројат: копањето крипто валути, кражбите на електрична енергија од страна на малите комерцијални објекти коишто имаат голема потрошувачка како и приватната потрошувачка, велат од ЕВН Електродистрибуција.
Од таму додаваат дека не може да се добие прецизен одговор со колкаво учество во загубите влегува и т.н. копање криптовалути на недозволив илегален начин, затоа што не се познати крајните потрошувачи.
– Зголемувањето на загубите е евидентно особено во скопскиот регион. Енергијата што се губи во суштина не се мери и не се знае кој е крајниот потрошувач. Ова подразбира дека не може да се добие одговор на прашањето колкав е уделот на загуби предизвикан од копање криптовалути во вкупните загуби, ниту пак може да се прогнозира, дополнуваат од операторот на мрежата.
Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека зголемените загуби се должат на зголемената нето потрошувачка на електрична енергија, но и дека во самото зголемување на потрошувачката како една од причините е експанзијата на крипто-рударењето.
Линк до целиот текст.