„Многу жители – Албанци од населбата ‘Киро Фетак’ (Орта Бунар) од Куманово се револтирани, бидејќи во нивните семејства доаѓаат само попишувачи – Македонци. Попишувани лица од албанска припадност не знаат ниеден збор на македонски јазик и не ги разбираат попишувачите, што им зборуваат овие во обид да извршат попис. Овие жители – Албанци доаѓањето само Македонци – попишувачи го доживуваат како провокација и бараат да бидат попишани од попишувачи – Албанци.“ – тврди весникот „Лајм“ во својата информација под наслов „Куманово: Попишувачи – Македонци во албански семејства – кумановчани се жалат“, која ја пренесоа и други медиуми на албански јазик.

„Лајм“ пишува: „Пристигнаа првите поплаки во врска со процесот на пописот. Во Куманово жителите на албанската населба ‘Киро Фетак’ (Орта Бунар) го искажаа својот револт во врска со етничкиот состав на попишувачите, дека се само Македонци.“

Весникот ја цитира изјавата на Скендер Т.: „Дали ви се верува дека тие ја прашуваат мајка ми на македонски јазик, а таа не разбира ниеден збор на македонски јазик? Кога ми се обратија и на мене со некои изрази ниту јас не ги разбрав, а камоли мајка ми.“

Според тврдењето на Скендер Т., „многу жители – Албанци од оваа кумановска населба, реагирале веднаш, кревајќи аларм, но мнозина од нив имаат страв, повлекувајќи се во последен момент.“

„Лајм“ ја приведува и поплаката на Месуд Р.: „Не разбирам: која е целта на пописот? Да се попишеме, или да не се попишеме? Зошто ни ги доведуваат попишувачите – Македонци кај нас? Само за да не испровоцираат? “

Во изјавата за весникот овој жител на Куманово „ветил дека ќе ги повика медиумите, за да информира за овие ‘марифетлаци на Владата!“

„Други жители, кои не сакаа да го откријат својот идентитет од различни причини, рекоа дека често паѓа и компјутерскиот систем за попишување на жителите. Официјално се уште ништо не е потврдено во врска со овие поплаки на граѓаните – Албанци од Куманово.“ – наведува „Лајм“ во завршниот дел од својата информација за текот на пописот во Куманово.

Извор: https://lajmpress.org/kumanove-regjistrues-maqedonas-ne-familjet-shqiptare-ankohen-kumanovaret/